Повеќе нема никакви дилеми: седиштето на МВР не било само втор изборен штаб на ДПМНЕ, како што во телефонските разговори велеше министерката Гордана Јанкуловска, туку центар од каде што режимот на Груевски, преку незаконски прислушкувања на македонските граѓани, го контролираше и диригираше севкупниот живот во државата. Тој факт деновиве беше јасно потврден со драматичните настани што се случуваа во тајните полициски простории, кога припадници на СЈО се обидоа да дојдат до додатни сознанија за тоа кој, кога и зошто вршел прислушкување и каква била целта на нивната злоупотреба. Во тие моменти јавноста стана директен сведок како овој државен орган, задолжен да го гони криминалот и да се бори против сите видови незаконитости, беше злоупотребен од неколкумина негови високи функционери за одбрана токму на криминалот и за прикривање на неговите траги. Извршувајќи партиски директиви тие функционери настојуваа на сите можни начини да го спречат извршувањето на судските наредби и да го оневозможат СЈО да спроведе истражни дејствија сврзани со повеќе кривични дела во врвот на власта.
Во тој поглед, застрашувачко е сознанието дека личности од ковот на Митко Чавков и Оливер Андонов, со владина потпора продолжуваат да вршат раководни должности во најчувствителните безбедносни служби во државата, каде што наместо да се штитат државните интереси и граѓанските слободи, целосно се ставени во одбрана на криминалните активности на нивните партиски водачи. И покрај тоа што добро знаат дека нивните напори да се прикрие вистината за злосторничката организираност на режимот се веќе залудни и бесмислени, слепата партиска покорност ги тера по цена и на лична деградација и самопонижување, до крај да ја играат кловновската улога што им е доделена. А таа улога, колку што изгледаше комично толку беше човечки тажна и потресна за гледање. Соочени со бескомпромисниот настап на обвинителката Катица Јанева во спроведувањето на судската наредба, само во текот на едно деноноќие двајцата беа принудени со подвиени опашки од час во час да ги повлекуваат своите строги забрани за нејзин пристап во МВР и во канцелариите на државната безбедност, под глупави изговори дека наводно ги штитат безбедносните аспекти на државниот поредок. Небаре, судијката што ја издала наредбата и самото СЈО се сомнителни непријателски елементи кои што ја загрозуваат националната безбедност, ама, ете тие, господата Чавков и Андонов се тука, да ги спречат нивните диверзантски намери.
По целата таа циркузијада во МВР се наметнуваат неколку дилеми: Па, нели бившиот премиер Груевски беше тој што тврдеше дека телефонските прислушкувања биле дело на странски служби, а опозицискиот лидер Заев со нивни уцени сакал да оствари насилна промена на власта, односно да изврши преврат во државата?
Во таков случај би било сосема логично тој и неговиот режим да бидат најзаинтересирани во докажувањето на тие обвиненија: да му се овозможи на СЈО, кое патем беше формирано со негов потпис и со парламентарна поддршка на неговата партија, несметано да ги истражи сите постојни факти околу незаконските прислушкувања, со што би биле побиени искажаните сомненија дека тоа било извршено во седиштето на МВР и по налог на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков. Исто така, нормално е да се очекува лица осомничени за најтешки кривични дела кои сметаат дека се невини и се жртви на политички манипулации, самите да инсистираат што побрзо и поцелосно да се дојде до истражни резултати и да докажат дека биле неправедно и неосновано обвинети за кршење на законите.
Меѓутоа, уште од првиот ден по формирањето на СЈО, па сè до денес, јавноста присуствуваше на најперфидни обиди на власта и лично на Груевски, како да се оневозможи неговата работа, а по можност и да се укине неговото постоење, со цел да не се утврди конечната вистина за извршените многубројни незаконитости и злоупотреби. Сето тоа зборува за присустниот страв од крајните резултати на истрагата, кои што би можеле да резултираат и со судска одговорност на учесниците во т.н злосторнички зафат. Впрочем, и неодамнешниот театрален собир на македонската судска фела, принудно организиран од страна на републичкиот судски совет, во моментите кога се чешлаше полициската документација, сврзана со прислушкувачките системи, требаше да покаже дека наводно независното судство работи под огромен притисок не од власта, туку од опозицијата и нејзините наклонети медиуми, кои што безрезервно го поддржуваат и охрабруваат СЈО да истрае во вршењето на својата мисија.
Како и да е, на крајот ќе се покаже дека Груевски имал право кога се повика на изреката дека “вистината е како шило, кое што кога тогаш ќе излезе на виделина…”, но пропушти да спомене дека тоа шило веќе длабоко е зариено во телото на неговата мафијашка дружба и дека не делат само денови или месеци, кога правдата ќе дојде да го наплати својот законски долг!