ЦИВИЛ: Владо Димовски – Системот ја призна грешката

Сподели

Наставникот по македонски јазик, Владо Димовски, граѓански активист, учесник во Шарената револуција и генерален секретар на невладината организација „Центар за меѓуетничка толеранција“, кој доби отказ од политички причини од в.д. директорот на ОУ „Алија Авдовиќ“ во селото Батинци, Општина Студеничани, деновиве е вработен во кабинетот на министерката за образование, како советник за основно и средно образование.

Ваквата постапка на МОН, на некој начин, е признавање на грешката на системот против Димовски кој остана без своето работно место поради политички притисок. Сега, Димовски има шанса да работи за она за што се борел изминатите неколку години – подигнување на нивото на квалитетот на образованието.

Во мај ЦИВИЛ Медиа разговараше со Димовски за општите услови за работа во образованието, за степенот на партизираност на образовните институции и како тоа влијае врз учениците, како и за очекувањата од образовниот систем, со оглед на политичката состојба во државата и очекувањата од новиот министер за образование.

Што се однесува до условите во кои се наоѓа образованието и влијанието врз работата на наставниците, Димовски тогаш изјави дека ако треба со еден збор да се опише, слободно може да се рече дека се – катастрофални!

„Имаме премногу небулози во образованието, почнувајќи од условите за работа во училишните згради, па сè до законот за основно и средно образование. Според истражувањата што ги направивме во ‘Центарот за меѓуетничка толеранција’, за една година имавме 29 измени на еден закон, според кој треба да се образуваат младите генерации… За условите во делот на силната партизација…, имаме голем дел на партиски војници вработени во последните неколку години“, рече Димовски, укажувајќи на фактот дека, колку и да звучи неблагодарно во однос на неговите колеги, сепак, според статистиката на Државниот завод за статистика и Годишниот извештај, има над 1.600 вработени наставници со несоодветно образование, а предаваат стручни предмети!
Димовски ја добил и пресудата за спорот со училиштето во која делумно е прифатена неговата жалба, односно, поништено е решението за престанок на работниот однос, но не е прифатено барањето за враќање на работа.
Димовски за ЦИВИЛ Медиа денеска изјави дека без разлика што сега е дел од кабинетот во Министерството за образование, тој и онака не би се вратил на работа во училиштето, додека не се смени раководството.

civilmedia.mk