Украина го менува министерот за одбрана

Сподели

 

Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников ќе биде разрешен од функцијата, а на негово место ќе биде поставен досегашниот шеф на военоразузнавачката агенција Кирило Буданов, пренесува Гардијан. Позицијата на Резников е разнишана по корупцискиот скандал, во кој Министерството за одбрана се обвинува дека плаќало за два до три пати повисоки суми од цената на храната во супермаркетите за снабдување на војниците на фронтот.

Информацијата за прераспределувањето на Резников ја соопшти Дејвид Арахамиа, шеф на пратеничката група „Слуга на народот“ во украинскиот парламент. Тој додаде дека досегашниот министер за одбрана ќе биде нов министер за стратешки индустрии, со задача да ја зајакне воено-индустриската соработка.

Резников веќе ги демантираше медиумските извештаи дека некои официјални лица од министерството со кое раководи злоупотребиле јавни средства во тендерите за набавка на храна за армијата.

Досегашниот министер за одбрана деновиве е актуелен и по предупредувањето за нова руска офанзива што би започнала во текот на февруари. Резников вели дека Русија ги нема сите ресурси за да започне офанзива, но и покрај тоа, ќе се обиде да го направи тоа како симболичен потег во месецот кога се одбележува годишнината од почетокот на воената агресија врз Украина, пишува Би-би-си.

Резников додава дека и да задоцни испораката на најновото оружје од западните сојузници во Украина, украинската војска има доволно резерви од опрема и војници за да ги задржи руските сили.

Би-би-си во својата анализа за евентуална нова руска офанзива врз Украина посочува на неколку клучни точки од каде што би можела таа да започне. Според првата верзија, Русија ќе се обиде да изведе посилен пробив кај градот Бахмут во Донецкиот регион. Информациите од украинските власти се дека Русија губи по околу 500 војници дневно во обидите да го заземе овој град и ова е една од најдолгите битки во војната. Разузнавачките податоци говорат дека досегашните сили од платеничката војска на Вагнер се заменети со регуларни руски војници, кои по евентуалното заземање на Бахмут би се насочиле кон напад на Словјанск и Краматорск.

Втората опција за нова руска офанзива, според Би-би-си, е нападот на градот Вухледар во Донецкиот регион. Руските сили се обидоа да го окупираат градот во текот на ноември минатата година, но доживеаја пораз. Овој град е важен, бидејќи од него и неговата околина украинските сили имаат домет со артилерија да ги напаѓаат руските воени возови што минуваат по единствената железничка линија што го поврзува Донбас со полуостровот Крим.

Третиот можен правец на руската офанзива е напад кон градовите Орихив и Покровск, со што руските сили би се доближиле кон градот Запорижја. Доколку се случи ова, тогаш Украина ќе биде приморана да ги прераспредели своите ракетни системи подлабоко во својата територија, а градот Запорижја би бил изложен на почести ракетни напади.

Двата преостанати опции за нова руска офанзива се евентуалните напади на Харкив и Кијив, двата најголеми украински града кои се наоѓаат во близина на руската, односно белоруската граница. Овие опции се помалку веројатни, но украинските власти редовно го следат концентрирањето на руските сили долж границата. Во Харкив, ракетните напади врз цивилни цели зачестија во изминатиов период, додека Русија и Белорусија речиси идентично како и лани, и годинава имаа заеднички воени вежби./Мета.мк