Утре лидерска средба меѓу Заев и Ахмети

Сподели

 

За време на викендот и денес продолжија интензивните работни средби меѓу претставниците на СДСМ и Коалицијата “Можеме” и ДУИ со цел креирање коалициски договор за идна стабилна Влада на Република Северна Македонија.

Тимовите на СДСМ и ДУИ интензивно работеа на создавање брз и темелен коалициски договор уште во првите денови од уставно определениот рок од 20 дена после добивањето на мандатот. Во разговорите кои се водат на ниво на генерални секретари постигнат е сериозен напредок по однос на речиси сите прашања кои водат до договор за Влада.

Со оглед на итноста и потребата од брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата заради справувањето со здравствените и економските предизвици поврзани со Ковид-19, во текот на утрешниот ден ќе се одржи лидерска средба меѓу претседателите Зоран Заев и Али Ахмети на која се очекува конечен договор за нова, стабилна, посветена Влада со мандат од четири години.

Имајќи ги предвид очекувањата за брз конечен договор, во текот на следните денови се надеваме дека ќе продолжи конститутивната седница за избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија, соопштуваат од СДСМ.