Матичните лекари утре, на 7-ми април Денот на здравјето, ќе одржат мирен протест пред Министерството за здравство, бидејќи не е исполнето ниедно од нивните досегашни поднесени барања.
– Получасовниот протест пред Министерството за здравство ќе почне напладне, а одлучивме да се собереме сите лекари и медицински сестри на 7 Април, Денот на здравјето, бидејќи ништо не се смени. Првпат имаме министер кој е од примарното здравство и кој ги разбира нашите проблеми, исто и заменик-министер кој е од терцијарното здравство и кој ги разбира нашите проблеми. Но за жал, Владата не исполни ниту едно наше барање. Економскиот совет на Владата да си најде пари за покачување на капитациониот бод на матичните лекари, за да може да ги задржиме младите лекари и да ги исплатиме соодветно медицинските сестри – вели Лидија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија.
-Ги пративме нашите предлози за примарно и секундарно здравство,за лаборатории и за специјалистички. Но, ништо не се случи, немаше состанок, каде суштински ќе се разговара и ќе има резултати. Не бараме средби само да се гледаме, туку нешто треба да се придвижи. Вредноста на бодот од 63 денари капитација е премногу ниска, а за стоматолог е 48 денари -рече Чолакова-Дервишова.