-“Сè уште не сум слушнал ниту еден човек во Европскиот парламент (ЕП) кој смета дека треба да се оди на нови избори. Според тоа, ставот на ЕП е ист како на ЕК, како и ставот што го изнесе г-динот Туск за време на посетата на Скопје, порача известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл во интервју за емисијата „360 степени“.
На нападите од некои луѓе во земјава дека го нарекуваат поддржувач на „платениците“ и на луѓето на Сорос, Вајгл вели дека тоа се глупости за кои не сака да коментира.
– Јас немам никаква врска со Сорос и мислам дека таквите инсинуации се најголема глупост, но не сакам да учествувам на такво ниво во дебати во Македонија.
Прашан кој е ставот на Европскиот парламент, дали крајот на политичката криза во Македонија би требало да биде преку избор на нова влада или преку распуштање на Собранието и организирање нови парламентарни избори, Вајгл вели дека никој во ЕУ не смета дека има основа за нови избори.
– Сè уште не сум слушнал ниту еден човек во ЕП кој смета дека треба да се оди на нови избори. Според тоа, ставот на ЕП, на ЕК, како и ставот што го изнесе г-динот Туск за време на посетата на Скопје, а тоа се ставовите што можете да ги слушнете од сите страни – од НАТО, од претставници на пријателски држави дека треба да се почитуваат резултатите од изборите и дека треба се оди по патот на нормални, демократски процедури што значи дека оној што има парламентарно мнозинство треба да добие мандат за влада и тука нема никаква друга игра. Сето останато се некакви слободни интерпретации чија очигледна цел е да се одолговлекува процесот на формирање влада. Сите ние изразивме загриженост, јас прв како известувач, за кризата да не влијае на приближувањето на Македонија кон ЕУ – нешто што сите го посакуваме и сакаме стабилна Македонија – вели Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент.
Тој порачува и дека одговорот како да заврши долгиот обид за избор на претседател на Собранието не може да го даде ниту тој ниту некој друг надвор од македонската политика. Запрашан дали ЕУ би признала влада која би била избрана во Собранието а не би добила мандат од македонскиот претседател Ѓорге Иванов, Вајгл вели дека дека ЕУ ќе го прифати тоа што ќе го направат првите македонски државни институции – Собранието и Владата.
– И тоа е внатрешно прашање на Македонија и она што е добро и прифатливо за Македонија тоа ќе биде прифатливо и за ЕУ кога тој процес ќе биде доведен до точка кога ќе може да се каже дека Македонија има влада и конституиран Парламент – вели Вајгл во интервјуто за „360 степени“.