Вечерва во МСУ, Изложба „СТАНИЦА ПРОПАГАНДА“ на Јонас Стал

Сподели

 

Вечерва, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена самостојна изложба на светски познатиот уметник Јонас Стал – „Станица Пропаганда“. Холандскиот уметник, кој ќе биде специјален гостин на музејот е препознатлив по истражување на односот помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата, а неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“. Кураторка на изложбата е Ивана Васева.

Еден од главните елементи кои ја градат инсталацијата на Стал, специјално создадена за Музејот на современата уметност – Скопје е видео студијата „Пропаганден театар“ од 2023 година, преку која го сумира десетгодишното истражување за пропагандата.

 

Ставот на уметникот е дека пропагандата не е само испраќање и манипулирање на некоја порака, туку има за цел да конструира нови реалности. Според Стал, пропагандистите немаат интерес да работат во рамки на постоечката реалност, туку сакаат да создаваат нови светови.

Утре, на 2 март, со почеток во 12 часот, во соработка со кураторката, Стал организира Школа за пропаганда со наслов „АНТИКВИЗАЦИСКА ПРОПАГАНДА. Од Скопје 2014 до Скопје – Eвропска престолнина на културата 2028“. Влезот ќе биде слободен.

Во 2021 година, Стал ја донираше на МСУ инсталацијата „Нови Сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која беше дел од групната изложба „Се што ни е заедничко“, а делото ќе може уште еднаш да се погледне на изложбата „ АКВИЗИЦИИ – ДОНАЦИИ 2022-2023“, курирана од Ива Димовски, која ќе се отвори кон средината на оваа година.

Стал го заврши своето докторско истражување за пропагандна уметност на Универзитетот Лајден, Холандија. Основач е на уметничката и политичка организација „Нов светски самит“ (2012–тековно). Заедно со драматургот и куратор Флоријан Малзахер го води тренинг кампот „Обука за иднината“ (2018-тековно), а со адвокатот за човекови права Јан Фермон ја иницираше тужбата за колективна акција „Collectivize Facebook“ (2020-тековно). Со писателката и адвокатка Рада Д’Соуза и со поддршка на организацијата , Фрејмр Фрејмд, го основа Судот за меѓугенерациски климатски злосторства (CICC). CICC првпат беше претставен во Фрејмр Фрејмд во 2021 година, проследено со неколку гостувања во Германија, Финска и Јужна Кореја.

Стал учествувал на многу изложби помеѓу кои: „Уметност на државата без државјанство“ (Модерна галерија, Љубљана, 2015), „Шкотско-европскиот
парламент“ (ЦЦА, Глазгов, 2018), „Музеј како парламент“ (со Демократската самоуправа на Рожава, Ван аббе музеј, Ајндховен, 201 година -во тек) и „Бараме уште милион години“ (Фондационе Сандрето де Ребоденго,Торино, 2022 година).

Неговите проекти се изложени во светки познати музеи како: Стеделијк во Амстердам, M_ХKA во Антверпен, Музејот Модерна во Стокхолм, Центарот Помпиду-Мец, уметничкиот центар Нам Џун Пајк во Сеул, Фрејмр Фрејмд во Амстердам, како и на 7-то Берлинско биенале , 31-то биенале во Сао Паоло, 12-то биенале во Тајпеј и 14-то биенале во Гвангжу во Јужна Кореја.

За пропагандата и пропагандната уметност досегa ги има објавено публикациите: „Пропагандна уметност во 21 век“ издадена од MIT Press во 2019 година, „Стив Банон: ретроспектива на пропагандата“, издадена од Het Nieuwe Instituut, Ротердам, 2018 година, „Пост-пропаганда“, издадена  од Холандската фондација за визуелни уметности, дизајн и архитектура во 2010 година.