Вељаноски: Од „балкански” треба да преминеме кон „нордиски” менталитет

Сподели

Veljanoski-PSJIE-3-mala
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска се обрати на Третата пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) што се одржува во Софија.

Тој пред присутните рече дека во изминатите две декади Регионот поминал низ значајни промени, дека се постигнати значајни реформи кои обезбедиле демократизација и имплементација на европските стандарди.

– Но, морам да нагласам дека пред нас претстои уште многу работа. Покрај политичките турбуленции кои ги доживува регионот, влијанието на глобалните промени во економијата и актуелната мигрантска криза предизвикуваат сериозни потешкотии кај сите земји, без исклучок. Економската соработка, инфрастуктурното и енергетското поврзување се клучни за иднината на регионот, а потребно е и да се фокусираме на солидарност за подобро решавање на мигрантската криза. Отворените прашања треба да се решаваат единствено низ отворен дијалог – рече Вељаноски.

Тој нагласи дека Република Македонија и понатаму останува активен и конструктивен партнер во регионалното опкружување и дека силно е посветена на промоција на принципите на добрососедство и помирување во регионот.

– Ние како парламентарци, мораме да го надминеме сето она што нe попречува во развојот на регионалната соработка и од „балканскиот” треба да преминеме кон „нордиски” менталитет, со најразвиени форми на меѓусебно разбирање и поддршка, во насока на унапредување на добрососедските односи – заклучи Вељаноски.

 

Вељаноски: Од „балкански“ треба да преминеме кон „нордиски“ менталитет