Владата на Република Македонија прогласи кризна состојба на териториите на општините Македонски Брод и Чашка, каде веќе неколку дена има активни пожари, соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој е и претседател на Управувачкиот комитет за координација и управување со кризи.
Кризната состојба ќе трае триесет дена. Одлуката е донедена на вечерашната владина седница.
– Одлуката е донесена со цел надлежните институции да можат во координирана акција и на поефикасен начин да се справат со состојбите бидејќи и во наредниот период ќе имаме високи температури, а со тоа и можност за ширење на пожарите. Ова е една од мерките која ќе гарантира безбедност во овие региони, успешно справување со пожарите и нивно целосно гасење. На седницата се задолжени сите надлежни институции да се вклучат и да помогнат во справувањето – рече Спасовски.
Министерот посочи дека се прогласува кризна состојба не затоа што ситуацијата е излезена од контрола туку зашто треба координирана акција. Ако нема кризна состојба, нагласи, локалните самоуправи и Дирекцијата за заштита и спасување ќе треба самостојно да се справуваат со пожарите. Но, по ваквата одлука во акцијата ќе се вклучат сите надлежни институции во Македонија кои ќе треба да ги стават на располагање нивните ресурси.
Спасовски ги повика и граѓаните да им помогнат на институциите во борбата со пламените јазици, но пред се да внимаваат да не настануваат пожари порачи невнимание. Упати и порака, секој пожар да го пријавуваат веднаш.
Министерот посочи дека сите домашни институции се на терен, но помош добиле и од Бугарија и Турција и порача дека нема потреба од паника.