Откако Европска комисија официјално потврди дека ќе се скратат 27,1 милион евра од ИПА-фондовите за Македонија, од Влада сметаат дека „не станува збор за санкции, туку за намалување на програмските средства“.
– Има два аспекти, внатрешен и надворешен. Внатрешниот е поврзан со фактот дека повеќе од една година лебдеше спроведувањето на избори. Во тој период институциите беа политички хендикепирани преку блокирачки механизми во неколку клучни министерства, вклучително и Министерството за финансии – се вели во соопштението на Влада.
Од таму додаваат дека најголемата опозициска партија фокусот го ставила на „блокирање на институциите и правење што поголема штета за државата.“
– Надворешниот фактор, пак, е поврзан со искуствата на Европската комисија со претходните процеси на проширување, поради што со новите инструменти се предвидени повеќе рестрикции кои ги ограничуваат обемот и областите на прилив на европски фондови – велат од Владата.
Партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека „политичката криза во која што Зоран Заев ја втурна Македонија, придонесува за одлуки кои се на штета на граѓаните.“
-Тоа е целта на тие кои посакуваат проблеми во Македонија, а бегаат од демократско соочување со народот на избори – се вели во соопштението на СДСМ.