Владата во Подгорица го отповика почесниот конзул во Скопје, Бранко Азески

Сподели

 

Владата на Црна Гора го отповика почесниот конзул во Скопје, Бранко Азески, јавија црногорските медиуми.

Владата го објасни потегот со изјава дека отповиканиот конзул се обидел да ги омаловажи и компромитира највисоките власти во Црна Гора презентирајќи свои лични забелешки и предвидувања во врска со работата на Владата, објави весникот „Дан“.

Како што се наведува, одлуката за отповикување е донесена на последната седница на црногорската влада.

Според одлуката потпишана од премиерот Здравко Кривокапиќ, Министерството за внатрешни работи дошло до сознанија дека Азески, при извршувањето на должноста почесен конзул, ја користел секоја можност да изрази сомнеж за угледот на Црна Гора и за кредибилитетот на нејзините тела.

Исто така, појаснето е дека безбедносните органи особено ги забележале разговорите на Азески со истакнати бизнисмени од различни сфери, при што тој се обидел, како што е наведено, да ги омаловажува и компромитира највисоките власти во Црна Гора, презентирајќи ги неговите лични забелешки и предвидувања во врска со работата на Владата на Црна Гора.

Според официјалните податоци, Азески е почесен конзул на Црна Гора во Скопје од 2016 година. 

Во информацијата во весникот „Дан“ се наведува дека разрешувањето било на предлог на министерот за надворешни работи Ѓорѓе Радуловиќ.

„Министерството за надворешни работи смета дека овие перформанси можат сериозно да го нарушат угледот на земјата и дека нема основа за понатамошно проширување на нејзината функција и сугерира господинот Бранко Азески да биде сменет од позицијата почесен конзул на Црна Гора во Штип“ – стои во образложението на Министерството за надворешни работи, пишува „Дан“.

МИА