ВМРО-ДПМНЕ ги демантира тврдењата на Вучиќ

Сподели

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение за јавноста ги демантира тврдењата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека некоја македонска институција му дала согласност на српскиот дипломатски претставник Горан Живаљевиќ да влезе во парламентот на Република Македонија за време на инцидентот.

„ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид дека сега е во опозиција, во текот на денешниот ден во рамките на своите можности вршеше проверки и утврди дека ниту МНР, ниту владата, ниту парламентот, ниту МВР или Агенцијата за разузнавање не добиле такво барање, ниту издале таква согласност и одобрение“, велат од опозициската партија.

Вучиќ во интервју за српската државна телевизија „РТС“ вчера изјави дека Живалевиќ за да влезе во Собранието го прашал нависокиот преставник на извршната власт во Македонија.

– Па тој Живаљевиќ не отишол на своја рака. Не ме прашал мене, ниту кого било во нашата земја, иако нам треба да ни полага сметки. Тој го прашал највисокиот претставник на извршната власт на Македонија, директно го прашал: „Јас сакам да бидам таму. Дали имате нешто против?“. Тие беа целосно запознаени со неговото присуство – изјави Вучиќ.

ВМРО-ДПМНЕ ја повика владата да провери дали такво нешто имало, и доколку имало да го објави документот со кој некоја институција издала такво одобрение. Од партијата велат дека доколку не се прикаже таков документ во наредните ден два, ќе констатираат дека дефинитивно такво нешто не е издадено.

Во врска со дипломатскиот скандал, ВМРО-ДПМНЕ изрази надеж дека македонската и српската влада ќе ги расчистат сите детали и дека ќе ја информираат јавноста.

„Чекорите кои ги превзема Република Србија, степенот на кој се превземаа мерки од нивна страна, како и изјавите на српските политичари не кореспондираат со изјавите на македонските претставници, што укажува дека постојат детали за кои јавноста не е запознаена“, додаваат од партијата.