ВЕРСКИОТ ТУРИЗАМ КАКО ПРЕДИЗВИК И ШАНСА ЗА МАКЕДОНИЈА – Љупчо ЈАНЕВСКИ

Сподели

Туризмот денес претставува своевиден феномен, појава која е присутна во сите земји во светот и бележи се поголем раст на глобално ниво. Не постои земја во светот која не развива некаков вид на туризам или држава каде што граѓаните не се вклучени во туристичко патување и движење надвор од своето постојано место на живеење. Мотивираноста  на туристите за патувања е поради различни причини како што се, на пример, бизнис, задоволство, религија, спорт, авантура, рекреација и слично.

Верскиот туризам е една од најстарите форми и причини за патувања на луѓето  пронаоѓајки засолниште, преноќиште и фокусирајки се на верските објекти и обичаи. Голем број на туристи кои решаваат да ги посетуваат верските објекти се мотивирани од нивната историска, уметничка и културна димензија, правејќи го овој вид на туризам се потежок  за  дефинирање од страна на научната фела поради мотивите на патувањата.

Верскиот туризам низ годините се покажа како најотпорен на светската економска криза, а случувањата на ова поле, во светски и  регионални рамки, генерираат  значителен број на туристи преку повеќедневни аранжмани, кружни тури и други видови на понуда. Балканскиот регион во последната декада се повеќе  е посетуван од туристите кои него го перцепираат како неоткриена туристичка дестинација, интересирајќи се за историско-културниот аспект, храната и прекрасната природа. Токму верскиот туризам, како една алка од синџирот на туристичките понуди претставува можност за дополнителен туристички аспект кој ќе овозможи остварување поголем број ноќевања и директно економско влијание врз локалниот економски развој.

Доколку споделиме неколку светски искуства на овој план низ статистички показатели ќе може да забележиме дека Саудиска Арабија остварува 53% приход благодарение на верскиот туризам, 13 милиони туристи годишно ја посетуваат светски познатата катедрала Notr Dam во Париз, 4 милиони туристи го посетуваат Ерусалим, 5 милиони туристи ја посетуваат Шпанија исклучително за верски туризам.

Македонија поради својата мултиетничност и големиот број на историски вредни и уникатни верски објекти има идеални можности за развивање и втемелување на верскиот туризам во своите туристички понуди.  Одредени облици на верскиот туризам можат да се препознаат од сѐ поголемата посета на туристи во верските објекти кои се во градските средини, пред сѐ во двата најпосетувани региона – скопскиот и југозападниот дел од земјава, кои на годишно ниво имаат над 60 % посети и туристички ноќевања. Сепак овие посети се на дневна база и се вградени во рамките на обиколката на градовите, без повеќе ноќевања или повеќедневни задржувања на туристите.

Токму овој дисбаланс, што преставува предзнак за масовен туризам,  може да се намали со поголемо фокусирање врз верскиот туризам во другите региони кои развивајки го овој вид на туризам, ќе овозможат посети и ноќевања во текот на целата година. Определбата за развивање на ваквата туристичка понуда овозможува и паралелно развивање на активните форми на туризам, за кои Македонија има идеални услови.

Верскиот туризам можеме да го набљудуваме од два аспекта  – како  дополнителна туристичка содржина на туристите и како директно остварување на патувања  поради атрактивноста за домашните и странските  туристи. За сите туристи кои веќе ја одбрале Македонија како дестинација е потребно да им се понуди посета на големиот број верски објекти како дополнителна туристичка содржина, овозможувајќи зголемување на нивната вонпансионска потрошувачка со купување на сувенири, посета на локални ресторани со традиционална македонска храна, локални производи, и по можност кратко сместување во верските објекти, во манастирските конаци  или во локалните капацитети. 

 Имајќи предвид дека поголемиот број верски објекти во Македонија се наоѓаат во руралните делови опкружени со недопрена природа, ова претставува голема можност за активирање и ангажирање на локалното население околу верските објекти, со зголемување на капацитетите за сместување.

Доколку само го погледнеме нашето опкружување ќе може веднаш да се забележи нивната фокусираност врз развивањето и понудата на верскиот туризам, трајно вграден во туристичките програми. Ова го докажува и честата посета на туристи од Македонија на цркви, манастири кај нашите соседи и се поголемиот број на туристички агенции кои ги организираат овие повеќедневни патувања. Потребата од зголемена промоција и понуда од страна на македонските туристички агенции за верски тури во Македонија, кои содржински, освен посета, ќе понудат и сместување во и околу верските објекти, ќе овозможи повеќе гости од регионот, како и туристи од  подалечни земји, кои ќе не вклучат во нивните тури.

Развивањето на верскиот туризам во Македонија, кој што припаѓа во активните форми на туризам, претставува голем предизвик и можност, за што е потребно да му се посвети сериозен пристап. Недостигот на прецизни статистички податоци за бројот на посетите и остварените ноќевања на туристите во верските објекти, создава паушална слика и неможност непосредно да се согледа интересот и динамиката кај туристичките посети. Валоризирајќи ја моменталната состојба и потребата од применлива стратегија на овој план, ќе значи и развој на регионално ниво, од кој најголем бенефит ќе има локалната економија и локалното население. Прилагодувањето на верските заедници и приспособувањето, прифаќањето и отворањето на верските објекти за туристите со одредени правила, е многу значајно за отпочнување на развојот на овој вид туризам.

Моменталната состојба не треба да преставува демотивирачки елемент, туку напротив, треба да биде предизвик кој ќе не мобилизира сите. Подобрувањето на инфраструктурата, одбележувањето и сигнализацијата, преку подобрените промотивни материјали и други методи за промоција, потоа, едукација на локалното население за споменатите можности, треба да бидат приоритети и брзо да се реализираат. Локалната самоуправа треба да ги препознае можностите од верскиот туризам како шанса за зајакнување на локалната економија, за економски развој и за создавање нови зелени работни места. Ова нема да биде можно доколку нема учество и силна поврзаност на сите фактори на локално ниво, на невладиниот сектор преку поддршка и соработка околу соодветни проекти, како и поддршка од државата.

Верскиот туризам треба да биде дел од долгорочните стратегиски приоритети во развивањето на активните форми на туризам, кои треба наскоро да го надополнат масовниот туризам во Република Македонија. Токму одржливиот туризам, во кој спаѓа и верскиот туризам, треба  во иднина да претставува една од главните мотивации кај туристите за одбирање на Македонија како туристичка дестинација која што треба задолжително да ја посетат.    

 м-р Љупчо Јаневски