Нема агенда, ниту план каде ќе биде партиското раководство и што ќе се случува во партијата на 30 септември. Најголемата опозициска партија засега нема разработено никаков план или агенда за денот на референдумот, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, кој синоќа се сретна со членството во Штип.aanus
Во присуство на пратениците, раководството на Општинскиот комитет, како и поширокото членство, Јанушев рече дека дошол да разговараат за „штетниот договор со Грција“. На прашањето што им одговара на членовите кога ќе го прашаат дали да излезе или не на референдумот, Јанушев потсети на партискиот став.
– Партискиот став останува ист дека секој од нас е доволно свесен и паметен што се случува во Македонија, дека ова не е референдум за Европа и НАТО, ова е референдум за промена на името, македонскиот јазик, култура и традиција. Секој од нас користејќи го разумот, а слушајќи го срцето, да одлучи како ќе постапи на 30 септември – изјави Јанушев.
Раководството на ВМРО-ДПМНЕ деновиве се до почетокот на референдумскиот молк е на информативни средби со членството. Јанушев одговори и на тоа дали ќе се смета за предавство на партијата, доколку некој од членовите на ВМРО-ДПМНЕ излезе на гласачките места во недела, без оглед на тоа дали ќе се изјасни за или против рефрендумското прашање.
– Апсолутно не. Се она што се движи во кое било сценарио, излегување-неизлегување и било какво гласање во рамките на партискиот став, нема да влијаеме воопшто врз тоа. Секој од нас како Македонец е доволно паметен, е доволно зрел да донесе одлука – рече Јанушев .
На членството во Штип му беа поделени летоци со повеќе објаснувања зошто партијата го смета договорот за штетен.