Колумбиските оружени сили го уапсија главниот наркобос во таа држава, Даира Антонио Усуга, познат по прекарот Отониел, објави претседателот Иван Дуке, пренесува МИА.
Отониел (50) бил фатен за време на операција во рурална област во регионот Ураба. Тој е обвинет за испорака на десетици пратки кокаин во САД, а како што изјави Дуке, тој е обвинет и за убиство полицајци, сексуална злоупотреба на деца и регрутирање малолетници.
Колумбија понуди награда од 800.000 долари за информации за Отониел, додека американската влада понуди 5 милиони долари за информации што ќе помогнат за негово апсење.
– Ова е најголемиот удар за дилерите на дрога во нашата земја во овој век, нагласи претседателот Дуке, споредувајќи го со падот на Пабло Ескобар во 90-те години од минатиот век.