Возобновување на муралот на Борко Лазески „Фреска за НОВ“

Сподели

 

По повод одбележувањето на 60. годишнината од земјотресот во Скопје, претседателот Стево Пендаровски вчеравечер се обрати на настан посветен на покренување на иницијатива за возобновување на муралот на Борко Лазески  „Фреска за НОВ“ кој беше уништен во земјотресот во 1963 година.

Настанот  насловен „Борко Лазески – уметност достапна за сите“, се одржа под покровителство на претседателот Пендаровски.

 

“Благодарност до семејството на Борко Лазески, до Музејот на град Скопје, на македонските железници.

Би сакал да почнам со една мисла на нашиот истакнат сликар во чие име сме денеска собрани. Имено, тој велеше – уметничкото дело треба да биде на секој човек, да припаѓа на секој човек, и затоа би требало да биде на места каде што секој човек врви, живее, со еден збор, достапно на секого.

Борко Лазески имаше можност своите грандиозни мурали, освен во многу земји во светот да ги претстави и пред неговите сонародници и сограѓани. Меѓу многуте такви кои ги изработи, а, кои посебно фасцинираат со нивната уметничка вредност, особено место зазема муралот „Фреска за НОБ“ поставен во некогашната железничка станица во Скопје која беше оштетена за време на земјотресот пред шест децении. За жал, голем дел од станицата, околу две третини, чии остатоци денес се Музејот на град Скопје, исто така беа уништени, заедно со делото на Лазески.

 

 

Скопскиот земјотрес кој го измени ликот на Скопје пред 60 години ги зеде животите на 1070 наши сограѓани, а повреди околу 3000, од кои 800 останаа со траен инвалидитет. Покрај највредното – човечките животи, земјотресот предизвика и огромни материјални оштетувања, при што, под рушевините освен делото на Лазески завршија и многу други културни добра и уметнички вредности.

На секоја годишнина од скопската трагедија, со носталгија зборуваме за предземјотресно Скопје, за делови од градот кои ги нема и со тага се сеќаваме за едно време кое полека тоне во заборав. Но, земјотресот е и можност да се проговори за Скопје кое беше возобновено од пепелта благодарение на солидарноста на целиот свет.

Денешното Скопје, престолнината на современата македонска држава, исто така, може да се пофали со исклучителни објекти и културно-уметнички достигнувања кои ќе траат низ времето. Токму во некои од новите зданија, кои ги кренавме по земјотресот, македонските уметници оставија свој печат, а меѓу нив и Борко Лазески. Неговите монументални дела, витражи и мурали најдоа свое место во објектот на Народна Банка, во објектот на Стопанска банка, во објектот на МАНУ, како и во централната пошта, каде што, за жал, делото, „Еп за слободата“, настрада во катастрофалниот пожар пред десет години. Тие се сведоштво за талентот на Лазески, но, во исто време, и за дострелите на современата македонска уметност.

 

 

Многу е важно, нашето историско, културно и институционално паметење да го актуализираме и ревитализираме. Тоа е насушна потреба на нашата сегашност и долг кон иднината. Имајќи го предвид маркантното здание на новата железничка станица во Скопје која во времето на изградбата беше најголема на Балканот, верувам дека идејата за повторно појавување на величественото дело на Лазески, „Фреска за НОБ“ на некој од нејзините сводови ќе биде додадена вредност и за овој објект, и за градот и за сите нас. На тој начин ќе овозможиме, ова дело, уметноста на Лазески, повторно да биде на секој и за секој, како одраз на една специфична сликарска поетика, но и порака за нашето постоење и пркосење на сите искушенија.

Дозволете моево обраќање да го завршам со искрена надеж дека оваа идеја ќе наиде на поширока поддршка и разбирање”, изјави претседателот Стево Пендаровски.