“Колку од нас сме свесни дека постоиме во времето и просторот?
Просторот и времето се рамката што ја опфаќа сета реалност…А, што пак, за нас означува реалноста? Дали некаде во вртлогот на егзистенцијата сите ние заборивме да се фокусираме на времето, на просторот, на душите поврзани со нив, на нештата кои ни бегаат од видик, на човеците кои ни заминуваат без да дознаеме зошто, или пак, едноставно нештата за кои не сме свесни што ни значат…ни се лизгаат низ животната патека…За некои нема вракање…некои не парализираат, додека пак други не ⁴ освестуваат и за времето и за просторот…Тогаш најчесто надоаѓаат моменти кога се прашуваме: Каде сме сега во моментот? Колку од нас сме свесни дека не има, дека сме живи? И што значи да бидеш жив?
Времето е релативна категорија, а просторот пак нема основа во ниедна друга физичка или психолошка реалност. Точките, линииите на геометричарот, или пак, движењето низ времето на научниците…не се ниту физички, ниту психолошки објекти…Тие не се ништо друго, освен симболи на апстрактни релации. Ако им препишеме „вистина“ на овие релации, тогаш смислата на „вистината“ од оваа појдовна точка, па се` до замислената ќе треба да се редефинира…почнувајќи од архипелагот меѓу љубовта и смртта…
Низ тој пат и низ тоа движење, созревањето низ него „би требало“ да биде и блажено, но и обврзувачко на соодветен начин…
Годините што поминуваат не се единица мерка, ниту детерминанта…Времето е бесконечен простор низ кој минуваме одејќи по сопствената орбита, а често и во пловечка состојба… Движејки се секој „човек“ и тоа со различна брзина и темпо едноставно сфаќа дека патиштата на одредени човеци постојано ни се вкрстуваат, понекогаш и оддалечуваат…понекогаш создавајќи и критички моменти… Е, токму тогаш се создаваат “добри дела”…Тој континуитет… чекор по чекор…не итајќи…го водат секој човек да проникне подлабоко во себе и да види подалеку од другите…
Кога почетокот завршува…а крајот почнува…Тогаш започнува самоспознанието, самопреиспитувањето, самопочитувањето…Токму низ таа длабока промисленост за себе, во себе…кон другите, низ другите, со другите…и токму во еден миг знаеш дека само фантазијата е побитна и од знаењето…бидејќи таа ти дава можност да ги надлеташ сите адови и чистилишта за да дојдеш до вистината…Вистината за себе, за светот околу себе, за љубовта во себе и за Севишниот во себе и другите…
За на крај да сфатиме дека се` е релативно, иреално…освен времето кога сме љубеле некој човек и кога сме осознале дека само тогаш и универзумот ни бил мал за да ги искажеме тие возвишени чувства…кога љубовта започнува со разговорот на очите…а завршува со крикот на душите…”
Соња Р. Јовановски