За каква влада преговараат: Техничка, коалициска, концентрациона, привремена…

Сподели

Некаков вид преодна влада, до следните парламентарни избори, сигурно ќе има, судејќи по изјавите и на власта и на опозицијата. Директорот на Центарот за комуникации на владејчката партија, Иво Котевски, вчера за „Мета“ изјави дека партијата  е подготвена и има намера да го почитува Договорот од Пржино, кој предвидува формирање на техничка влада за организирање на избори кои треба да го трасираат патот за излез од политичката криза.

На иста линија е и потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, кој во петокот на протест во Велес, најави дека многу брзо ќе се формира влада што ќе ги исполни условите за одржување на фер и кредибилни избори, без да откријат дали во моментов се водат разговори за формирање на таква влада и за нејзиниот формат.

333

Сепак останува дилемата за каква влада се преговара иако едно е јасно. Судејќи според соопштението од холандската амбасада од петокот, во тоа извршно тело не е пожелно да учествуваат лица кои се под истрага на Специјалното јавно обвинителство.

 

 

 

Во практиката постојат повеќе испробани модели на влади кои менаџирале кризи.

  • Техничка влада. Овој збор најчесто се употребува за преодна или привремена влада. Според политиколозите, тоа се влади што не добиле мандат на избори, туку биле назначени со согласност на главните политички сили во една земја. Можно е оваа влада да биде формирана и со посредство на меѓународната заедница. Во нејзиниот состав има експерти кои не се поврзани со партија и кои би имале една цел – да ги организираат следните избори.
  • Технократска влада. Ова е форма на влада во која се вклучени инженери, научници, здравствени професионалци и други технички експерти, кои треба да носат одлуки во нивните соодветни области. Технократите се разликуваат од „еконократите“ и од „бирократите“ според начинот на размислување и на приоѓање кон решавањето на некој проблем. И ваква влада трае сè додека не се спроведат нови избори. Владата на Никола Кљусев од 1991 – 1992 година беше нарекувана „експертска влада“.
  • Коалициска влада. Ова е влада на парламентарното мнозинство или влада за која гласаат сите парламентарни партии. Вообичаената причина за овој аранжман е тоа што ниту една партија не може да постигне мнозинство во парламентот. Оваа влада може да се формира и при кризи, кога се бара заедничка одговорност од сите политички чинители. Коалициска влада, исто така, може да се создаде во време на национална тешкотија, на пример, за време на војна или економска криза. Со тоа владата има висок степен на одговорност и ќе влијае во намалувањето на внатрешните политички расправии. Овие влади се познати и под името влада на национално единство, голема коалиција. Кај нас таква беше, на пример, „Владата на широка коалиција за спас на Македонија“ формирана во мај 2001 година, во која влезе и СДСМ, кој есента истата година се повлече.
  • Концентрациона влада. Поимот концентрациона влада може да изгледа многу нејасен и необичен, затоа што тие обично се формираат во посебни услови. Тоа се обично елементарни непогоди, вонредни или воени состојби. Во таа влада треба да учествуваат сите парламентарни партии кои би пробале да ја решат кризата. Ваквата влада би имала единствена задача да го подготви демократскиот амбиент за слободни избори.
  • Привремена влада. Или чувар-влада. Може да се формира кога владата во парламентарниот систем е поразена со иницијативата за недоверба или во случај кога владата поднесува оставка. Оваа влада продолжува да работи во периодот по распуштањето на парламентот, ги подготвува новите избори и функционира до формирањето нова влада.
  • Преодна влада. Ова влада се формира привремено за да го подготви патот за постојана влада. На пример, кога беше соборен Садам Хусеин во Ирак, Американците формира преодна влада во земјата за да го надгледува создавањето на новиот устав и да создаде услови за одржување избори. Вакви влади се познати и во светот иако поретко тоа се случува во Европа. Последен пример на преодни или технократски влади беа формирани во некои европски земји (Италија, Грција) за да ја пребродат економската криза.