Премиерот Зоран Заев, кој денеска е во посета на Луксембруг, во интервју за луксембршкиот весник „Ворт“ вели дека ветото на Бугарија за почетокот на преговорите со ЕУ бил неблагодарен гест, но дека Владата е посветена на европеизација на земјата, пренесе МИА.
„Неблагодарно е што нашиот сосед, Бугарија, стави ново вето за нас во декември 2020. Главната е цел да се решат историските разлики во интерпретациите помеѓу Скопје и Софија. Морам да кажам дека со вакво однесување ЕУ никогаш нема да постои, Европејците гледаа кон иднината, не минатото“, вели Заев во интервјуто и додава дека и во овој случај со Македонија и Бугарија „треба да се стори истото“.
Заев вели дека е убеден оти може да се најде решение, но дека треба и остатокот од Унијата да помогне и дека „треба да докаже дека ги почитува вредностите на ЕУ и дека историските спорови не смеат да бидат пречка за иднината на земјата“.
Во интервјуто Заев вели дека Македонија се разочарала од ЕУ и со набавката на вакцини против ковид-19, но дека „им било кажано дека во овој момент е невозможно за Унијата да ги сподели вакцините“, пренесе МИА.
Премиерот денеска во посета на Луксембург каде лобира за поддршка за формалното отворање на преговори со ЕУ и надминување на ветото на Бугарија.