Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, мандатар за состав на новата Влада на Р.Македонија оствари работна посета на Брисел, на која што имаше одделна средба со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, а потоа и заедничка вечера со шест премиери на Влади од Балканот организирана од високата претставничка на ЕУ, Могерини.
Претседателот Заев по вечерата на Могерини со 6-те премиери од Балканот изјави дека е разговарано за интензивирање на меѓусебната регионална соработка како и унапредување на перспективите кон ЕУ.
– Зборувавме за регионалните проекти и огромната поддршка од ЕУ за инфаструктурните проекти кои се во фаза на изградба или аплицирање, зборувавме за отворените билатерални прашања кои постојат во регионот, а би биле пречка за идното напредување кон ЕУ и секако најважното беше да се зајакне соработката, изјави претседателот Заев по заедничката вечера.
На заедничката вечера било заклучено дека неопходна е потребата од редовни состаноци на премиерите од Западен Балкан со високите претставници на ЕУ.