„Ова не е обична изборна кампања, овие избори не се за ВМРО-ДПМНЕ или за СДСМ, овие избори се за вас, за вашите деца, внуци… Oва „или-или“ не е обично, тоа значи пропаст или живот. Верувам дека заедно имаме огромна сила да успееме. Нашиот глас в недела ќе биде глас за планот што носи живот. Мислете на 12 декември, кога ќе се разбудите, кога ќе излезете на улица и среде зима ќе го почувствувате мирисот на пролет, кога ќе станете свесни дека вие сте донеле живот во Македонија“, порача вечерва лидерот на СДСМ и носител на кандидатска листа во четвртата изборна единица, пред илјадниците граѓани кои вечерва беа собрани на митингот на Коалицијата за живот во Македонија.
Заев истакна дека вечерашниот собир во Скопје, пред зградата на Владата, е нешто поголемо од митинг, дека тоа е вечер која им припаѓа на храбрите и достоинствени луѓе кои не наведнаа глава пред власта туку веруваа во подобра иднина во Македонија.
– Се смрзнувавме по улиците, се потевме под шаторите, нè затвораа, нè притвораа, нè притискаа. Вие сте вистинските херои, нема херои без лузни. Тие се потсетување за сите претрпени злодела и тие се ветување дека никој од нас нема да се осмели на друг да му го прави тоа што го искусил на своја кожа. Другари, вредеше. Ја добивме најголемата битка, битката за живот за секој наш граѓанин – рече Заев.
Тој пред насобраните граѓани ги претстави главните поенти од „Планот за живот во Македонија“ и упати порака до младите и до повозрасната популација во земјава.
– Знам што му е потребно на младиот човек – шанса. Но, за да ја добиете, треба да изберете каква иднина сакате. Ви нудам шанса да останете тука, каде шо ќе добиете можност да почнете свој бизнис. Во ваши раце е и белото знаме со кое може да се предадете и црвеното, со кое ќе прогласите своја победа – рече Заев, кој на повозрасните граѓани им порача дека празнината што ја чувствуваат поради своите деца и внуци, кои заминале од државата, можат да ја пополнат со пенкалото во нивните раце на 11 декември.
На крајот од своето обраќање тој ги повика граѓаните да ги земат своите мобилни телефони и да испратат СМС-порака до некој близок, за кого мислат дека му треба дополнително охрабрување.
– Пишете им да гласаат за живот во Македонија – повика Заев.
Тој ги претстави носителите на кадидатските листи во другите изборни единици, кои со микрофони во рацете им се обратија на граѓаните, стоејќи меѓу нив.
Ностелот на листата во првата изборна единица, Стево Пендаровски, порача дека на 11 декември опозицијата на СДСМ ќе победи со повеќе од 50 мандати и ќе ја состави следната влада во која премиер ќе биде Зоран Заев.
– Важно е со колкава разлика ќе победиме, затоа што е важно да добиеме целосен легитимитет – рече Пендаровски.
Петре Шилегов, ностелот на листа во шестката, истакна дека СДСМ ќе победи во оваа изборна единица и ќе стави крај на поделбите и на омразата.
– На оваа моја рака нема ниту еден ист прст, како што сме сите различни, но кога ќе се стегнеме сите заедно, нема сила што може да ја победи оваа тупанца за живот во Македонија – порача Шилегов.
На вечерашниот митинг на СДСМ и на Коалицијата за живот во Македонија се обрати и поранешниот дипломат и амбасадор на Македонија во САД и во Холандија, Никола Димитров, кој рече дека изборот не е лево или десно, туку нагоре или надолу во бездната.
– Ова денес не е Македонија, ова е „груевистан“, ова е Македонија која е заробена и понижена… На 11 декември има едно прашање на гласачкото ливче – за или против криминалот – рече Димитров.
Кандидатот за пратеник во првата изборна едница и еден од водачите на „Шарената револуција“, Павле Богоевски, истакна дека булеварот Илинден пред згардата на Владата му буди конфликтни спомени, но дека сè добило смисла.
– Ова е местото на злосторствата, во оваа зграда биле правени плановите и сценаријата на криминалниот режим за уништување на земјата. Од друга страна, оваа улица стана наш дом, многумина беа апсени тука, многумина беа тепани од паравојската на оваа криминална власт, а сите ние бевме нарекувани хулигани затоа што кренавме глас против овој криминален режим. Ни велеа дека се бориме со ветерници и дека немаме шанси против Никола Груевски и Сашо Мијалков. Епа, Никола, нашата борба е нашиот глас, а хулиганите се тие кои го урнаа твојот режим на колена. Сега отворено ти кажувам Никола, но и Вам, господине Заев, дека секоја наредна власт има да се плаши од нашиот глас и од нашиот суд – порача Богоевски.
Пред насобраните се обрати и пејачот и музичар Бени Шаќири, кој рече дека тој нема политички судир со власта, туку личен.
– Оваа власт го лустрираше мојот татко Хисен Шаќири додека лежеше на смртна постела и никогаш нема да им го простам тоа – рече Шаќири.
На митингот беа пуштени и снимки од црниот понеделник на 24 декември 2012 година, кога опозицијата беше исфрлена од Собранието, потоа од протестите на 5 мај минатата година, од интервенцијата на специјалните полициски сили врз студентите кои протестираа против нерегуларностите за време на изборите за студентски лидер, од протестите по смртта на Тамара, насилствата пред Општината Центар во јуни 2013 година, од настаните во Диво Насеље, во Куманово, од 9 и 10 мај минатата година и од протестите за ослободување на Кежаровски, со порака „Никогаш да не се повтори“.