Заев: Нашата Армија за првпат директно учествува во мисија како 30-та земја членка на НАТО

Сподели

 

Премиерот Зоран Заев денеска се обрати на свеченост по повод испраќање на првиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата КФОР на Косово.

 

 

„Ми претставува посебна чест што ми е дадена прилика да се обратам на оваа свеченост по повод испраќањето на првиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата КФОР на Косово.

Нашата Армија и досега, посредно, учествуваше во мисијата „КФОР“ преку обезбедување на логистичка поддршка за НАТО преку координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој вршеше координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување.

Оваа мисија, сепак има посебно значење Армијата на Република Северна Македонија, бидејќи за прв пат директно учествува во мисијата „КФОР“ како 30-та земја членка на НАТО, како армија која е рамноправен член и дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот.

Пред упатувањето во оваа мисија припадниците на првиот контингент на Армијата што заминува да исполнува задачи во мисијата КФОР на Косово, поминаа низ потребниот процес на обука, подготовки и селекција каде се извежбуваа и обучуваа за изведување на задачи кои ги очекуваат за време на мисијата.

Армијата на Република Северна Македонија, синонимот и чуварот на македонскиот суверенитет и државност, ја докажа својата подготвеност, интер-оперативност и способност за извршување на најтешки задачи, во досегашното 18 годишно учество во мировните мисии „Исаф“ и „Одлучна поддршка“ во Авганистан и во мисиите „Слобода за Ирак“, „Алтеа“ во Босна и Херцеговина“ и „Унифил“ во Либан.

И до сега, и понатаму како членка на НАТО, Северна Македонија и нејзината Армија свечено ја преземаат обврската во континуитет да го даваме нашиот придонес во безбедносни предизвици што стојат пред НАТО.

Почитувани офицери и војници на првиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата КФОР на Косово, ви посакувам успешно извршување на вашите задачи со нашите сојузници”, – се обрати премиерот Заев.