Заев со честитки по повод 1.000 години од основањето на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“

Сподели

 

Премиерот Зоран Заев испрати писмо со честитки до епископот Антаниски г. Партениј, и игумен на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, по повод исклучителниот јубилеј – 1000-години од основањето на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“.

Премиерот Заев во писмото истакнува дека Бигорскиот манастир, како што е општо познат, со своето милениумско постоење е врежан во меморијата не само на македонскиот народ, туку со своето значење и убавина е значаен дел на светското културно наследство.

Во своето 1000-годишно црковно живеење манастирот сведочи за многу историски премрежија, но и за незапирливоста на богатиот духовен живот, пишува во писмото до епископот Антаниски г. Партениј, претседателот на Владата Заев.

„Бигорскиот манастир и денес е вруток на духовноста од каде излегуваат монаси кои го продолжуваат црковниот живот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Воедно сакам да ја искажам мојата восхит за активностите кои Вие како игумен, и бигорската обител, ја спроведувате помагајќи им и пружајќи им прибежиште на сите кои се во нужда и неволја“, се вели во писмото на премиерот Заев со кое до епископот Антаниски г. Партениј, и игумен на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, упатува честитки по повод исклучителниот јубилеј – 1000-години од основањето на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“.