Сметките на претседателот на САД, Доналд Трамп, на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм по привремената блокада од вчера и ноќеска, ќе бидат целосно блокирани на неодредено време, односно најмалку по истекот на следниве две седмици, до мирно примопредавање на власта, соопшти првиот човек на Фејсбук, Марк Закерберг вчера.
Тој рече оти шокирачките настани во изминативе 24 часа покажале дека претседателот на САД има намера да го користи преостанатото време на функцијата за да го подрие мирното и законско примопредавање на власта на неговиот наследник Џон Бајден, и затоа вчера некои негови објави на Фејсбук и Инстаграм биле отстранети.
„Неговата одлука да ја користи платформата за да ги одобри наместо да ги осуди активности на неговите поддржувачи пред и во Конгресот разбирливо ги вознемирија луѓето во САД и низ светот. Вчера ги отстранивме тие изјави оти проценивме дека нивниот ефект – и најверојатно нивната намера – е да се поттикне понатамошно насилство.
По официјализирањето на изборните резултати од страна на Конгресот, приоритет на целата земја мора да биде да направиме сè преостанатите 13 дена и деновите по инаугурацијата да минат мирно и во согласност со воспоставените демократски норми.
Во изминатите неколку години, му дозволивме на претседателот Трамп да ја користи нашата платформа во согласност со нашите правила, одвреме-навреме отстранувајќи содржини или обележувајќи негови постови кога тие ги прекршуваа нашите политики. Го правевме тоа оти веруваме дека јавноста има право на најширокиот можен пристап до политички говори, дури и контроверзен говор. Но, сегашниот контекст е фундаментално поинаков, и вклучува користење на нашата платформа за поттикнување насилен бунт против демократски избрана влада“, напиша Закерберг.