Западен Балкан денеска ги добива првите вакцини од ЕУ. Северна Македонија треба да добие 4.680 вакцини, пренесува Дојче веле.
Србија и Црна Гора се првите земји од Западен Балкан во кои ќе стигнат вакцините кои се помош од ЕУ во корона-кризата. Притоа, Србија денеска ќе добие 1.170 дози, а Црна Гора 2.340 вакцини.
Најголем број вакцини би требало да добие Босна и Херцеговина – 10.530. Тие во земјата треба да пристигнат во текот на утрешниот ден, а така е и со вакцините за Северна Македонија, Албанија и Косово. Притоа за македонските граѓани, исто како и за Албанците и Косовците, се наменети 4.680 дози.
Координацијата на процесот на доставување вакцини од ЕУ за Балканот го презема Австрија. Австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг утре, заедно со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, во БиХ свечено ќе му ги предаде вакцините Фајзер на босанскиот премиер Зоран Тегелтија. Со акцијата ЕУ сака да демонстрира дека не го остава регионот на цедило во снабдувањето со вакцини.
Австриската радио телевизија ОРФ денеска информира дека Северна Македонија, Косово и Босна и Херцеговина треба да го добијат најголемиот дел до ветените вакцини до август. Од вкупно 651.000 дози, една третина, односно 214.000 дози, треба да ѝ бидат дадени на БиХ, 145.000 на Албанија, 119.000 на Северна Македонија, 95.000 на Косово, 42.000 на Црна Гора и 36.000 на Србија.
„Во пандемијата важи основното правило: никој не е на безбедно, додека сите не се безбедни. Немаме ништо од тоа ако во Австрија наскоро сите кои сакаат да примат вакцина бидат вакцинирани, а нашето непосредно соседство сѐ уште не е вакцинирано“, објаснува Шаленберг.
Австрија, по налог на ЕУ, со Бионтек/Фајзер склучи договори за купување и доставување вакцини за помош на балканските држави и го презеде меѓуфинансирањето на процесот.