Владина делегација предводена од министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски го почна преговарачкиот процес со НАТО за членство во Aлијансата.
По почетокот на пристапните преговори за членство на Македонија во НАТО, Оана Лунгеску, портпаролката на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, изјави дека денешниот настан е важен чекор за Македонија и оти земјата сега има историска можност да стане дел од евроатлантското семејство ако се имплементира Договорот со Грција.
„Земјата одбележа важен чекор денеска со започнувањето на дводневните пристапни преговори во седиштето на НАТО. Преговорите ја покриваат безбедноста, одбраната, политичките, правните и финансиските прашања како и целите и роковите кои Скопје треба да ги исполни за време на и по зачленувањето“, изјави Лунгеску во разговор за МИА.