Започнуваат роковите за спроведување на предвремените парламентарни избори

Сподели

 

Откако претседателот на Собранието Талат Џафери денеска го потпиша решението за распишување на предвремените парламентарни избори на 12 април, течат роковите за нивно спроведување. Државната изборна комисија на вечерва одржаната седница го усвои Роковникот за спроведување на предвремените парламентарни избори.

ДИК во рок од три дена од распишување на изборите доставува барање до Министерството за информатичко општество и администрација да ги достави податоците за вработените во државната и локалната администрација, за да може да се извршат евентуални замени во составите на изборнитѕе органи.

Комисијата утре од МВР ќе побара и да и го достави Избирачкиот список со сите податоци кои што треба да ги содржи. Списокот ДИК најдоцна десет дена од денот на распишување на изборите, треба да го стави на јавен увид во своите подрачни одделенија и месни канцеларии. Јавниот увид трае 15 дена и почнува на 26 февруари 2020, а трае до 11 март 2020 до 24 часот, период во кој граѓаните можат да ги достават барањата за запишување, допишување или бришење на податоци од Избирачкиот список.

-Сакам да ги повикам сите граѓани да извршат проверка дали се наоѓаат на Избирачкиот список за што можат да ја искористат веб страницата на ДИК. До колку ги нема да отидат во подрачните одделенија на ДИК и да интервенираат ако има потреба – рече на вечерашната седница претседателот на ДИК Оливер Деркоски.

Потписите за кандидирање за кандидатските листи поддржани од група избирачи се собираат пред службените лица на ДИК , но и пред надлежен нотар на образец утврден од ДИК, доколку подносителот на кандидатската листа се одлучи за тоа. Во тој случај тој треба да ја извести ДИК кај кој нотар ќе ги собира потписите.

Кандидатските листи до ДИК треба да бидат доставени 30 дена пред одржувањето на изборите, односно најдоцна до 24 часот на 12 март. Потоа, како што информира Дерковски, течат роковите за проверка и евентуална корекција.

За прибирање на средства за изборната кампања, учесниците на изборите треба да имаат единствен даночен број и трансакциска сметка која ќе ја отворат најдоцна 48 часа по потврдувањето на листата или најрано 48 часа по распишување на изборите. Сметките се затвораат во рок од 60 дена по официјалните резултати од изборите.

Роковникот ја регулира и изборната кампања што е предвидена 20 дена пред изборите со 24 часовен изборен молк пред изборниот ден. Кампањата почнува во 0:00 часот на 23 март и завршува на 10 април во 24 часот.

Учесникот во изборната кампања, не може да нарача платено политичко рекламирање во радиодифузери кои не се регистрирани во регистарот на радиодифузери и портали, и да ги исплати од средства на трансакциската сметка за изборната кампања.

Затоа ДИК, ги повика медиумите кои сакаат да емитуваат платена политичка реклама за претстојните парламентарни избори да се регистрираат во Комисијата, а тоа, како што појасни Деркоски, можат да го направат во рок од три дена од распишувањето на изборите односно на 17, 18 и 19 февруари. Потоа ДИК на јавна седница че соопшти за прифажањето на барањата за регистрација и ќе биде јавно објавен регистарот на медиуми. Радиодифузерите имаат рок од пет дена од распишувањето на изборите да ги утврдат ценовниците за платено политичко рекламирање.Ценовниците не смеат да се менуваат до завршувањето на изборите.

ДИК на седницата ги утврди и највисоките и најниските цени за рекламирање на радио, телевизија и во печатени медиуми, како и највисоките суми што може да се исплатат за рекламирање во интернет порталите.

 

https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/879841749153003/