Истражувјќи какво влијание има бојата во просторот, според кинеската практика Фенг шуи, секој од основните елементи има особено влијание и моќ да го лекува протокот на енергија во просторот, во зависност од страната на светот на која е поставен.
Уметницата Бојана Артиновска Трпческа верува дека уметноста може да лекува. Не само авторот кој создава низ процесот, туку и самото дело влијае во просторот, вибрирајќи со одредена фрекфенција, делува врз физичкото, менталното и емоционалното тело на човекот. Освестувајќи ги сензациите од околината, стануваме присутни во сегашниот миг, свесни и одговорни за себе и за животната средина.
Сликите на Бојана Артиновска Трпчевска не се креација, тие се продолжение на животот, низ неа повторно се раѓаат земјата, оганот, водата, воздухот…
На 20 мај, во 19.30 часот, во ликовниот салон на НУЦК “Марко Цепенков” во Прилеп, своја изложба ќе има академската сликарка Бојана Артиновска Трпческа.
Изложбата е замислена како мултимедијален проект, со отворен микрофон каде посетителите ќе можат да ги прочитаат своите пишани творби на тема “Земја”.
ДЕНЕС МАГАЗИН: Што претставува “Земја”?
БОЈАНА АРТИНОВСКА ТРПЧЕСКА: Земјата е елемент најблизок до мојот сензибилитет и природа, затоа одбрав да се посветам на неа. Сакам да ја изразам мојата благодарност и почит кон мајката од која доаѓа се, и се повторно кон неа се враќа. Таа е симбол на физичка сензација и раст и манифестација на материјата. Учам да ги слушам земјените енергии и оставам да ме водат. Открив нови тоналитети, форми и бои кои резонираат со чувството кое се раѓа во мене додека сум во контемплација со овој елемент, сите нијанси на кафеава, окер, зелена и црна. Сакам да преовладува густа, топла атмосфера, со цврсто структурирана композиција.
Зародиш на бујноста е мојата зелена тема инспирирана од нијансите на земјината вегетација, преку кои земјата раѓа, дише и не храни. Ја нареков изобилство бидејќи од неа извира целиот живот. Под зеленилото е почвата, камењата, песокот. Материја низ која продира животот, материја која има паметење. Таа е плодна, приземјува, силна e и постојано се трансформира.
Се е игра на петте елементи. Елементите во нас се едно, со елементие надвор од нас. Земјата ни е заедничка. Таа е жива. Во себе ја носиме оваа прекрасна и дарежлива планета. Со таква свест поинаку ќе чекориме, поинаку ќе се грижиме и целосно ќе се вљубиме во неа.
Ја оставам раката сама да го пронајде гестот додека ја барам структурата на земјата низ атомите на мојата градба. Ја чувствувам бујноста, стабилноста, рамнотежата. Храбро понирам во темнината, во длабочината на земјината утроба каде животот го пронаоѓа својот пат. Не размислувам, само се опуштам, го следам својот инстикт, својата интуиција. Оставам убавината да ме допре, да помине низ мене. Јас престанувам да постојам. Заборавам која сум, каква сум, што имам, што немам. Полека станувам свесна за совршеноста на своето постоење. Да се биде во слава на природата – тоа е целосно духовно искуство!
“Со транспонирањето на функцијата „мајка“ врз мотивот земја и изборот на бојата како ликовен елемент, транформирајќи ја во метафора: зелена боја – плодност и изобилство, и кафена боја – темнина и потшората, уметницата
Трпческа создава воодушевувачки композиции во коишто се отелотворува женскиот принцип. Дополнително, овие апстрактни пејзажи со еколошки асоцијации претставуваат и боени интервенции кои делуваат на внатрешниот амбиент во просторот”- вели Викторија Димеска, Историчар на уметност.
Изложбата во Прилеп ќе трае од 20 мај до 2 јуни. Вториот дел од овој проект ќе се реализира во Скопје од 4 до 13 октомври во КСП Центар Јадро.
БОЈАНА АРТИНОВСКА
Родена е 1977 година во Велес каде завршува основно и средно образование. Факултет за ликовна уметност при Универзитетот Кирил и Методиј, Скопје завршува во класата на проф. Родољуб Анастасов на отсек сликарство и сценографија.
Од 2000 до 2003 година живее и работи како слободен уметник во САД.
2008 година во Музејот на НОБ во Крушево ја реализира својата прва самостојна изложба на манифестацијата „10 Дена крушевска Република“ под наслов: ,,Во МЕНЕ” .
Својата втора самостојна изложба ја оствари во 2011 година во ликовната галерија во Прилеп. Насловена е ,,ГОЗБА” и е своедвидно ретроспективно видување на нејзината дотогашна работа.
Tретата самостојна изложба ја остварува во 2020 год. во Ниш, Република Србија и е насловена ,,ТРЕПЕТ”.
Во април 2022 година учествуваше на групната изложба АУРУМ ЛАВ АРТ во Домот на културата “Кочо Рацин” во Скопје.
Од 2005 година е член е на Друштвото за Ликовни Уметници Битола а од 2010 година е член на Друштвото на Ликовни Уметници Прилеп и од 2020 година е член на ДЛУМ.
Живее во Прилеп и во повеќе прилики соработувала како надворешен соработник со НУЦК Марко Цепенков и театарската работилница за изработка на костими, сценографија и шминка за повеќе претстави.
Следствено со сликарството и сценската уметност, истражува и во полето на фотографијата.