ЗНМ: Одговор на претставка од Анѓушев за Сашка Цветковска

Сподели

 

 

Претставката е поднесена преку ополномошениот адвокат Ратко Ѓорѓиевски и во неа се тврди дека Сашка Цветсковска со емисијата „Заговор против воздухот“ објавена на МТВ на 16 мај го прекршила Кодексот на Здружението на новинарите на Македонија во членовите 1 и 3.

Советот на честа ја разгледа претставката од проф.др. Кочо Анѓушев, поднесена преку ополномошен адвокат, за Сашка Цветковска, од ИРЛ, како автор на емисијата „Заговор против воздухот“ објавена на МТВ. Во претставката се тврди дека Цветковска прекршила два члена од Кодексот и  со својата непрофесионалност, неетичност имала намера да го наруши угледот на Кочо Анѓушев. Со оглед на сериозноста на тврдењето, Советот на честа побара одговор од ИРЛ и по увидот вo доставената документација и листата на комуникации, заклучи дека претставката е неоснована, односно дека нема прекршувања на Кодексот на ЗНМ.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во посочената емисија на ИРЛ  „Заговор против воздухот“, објавена на МТВ на 16 мај, господинот Анѓушев се спомнува само во контекст на процесот што се водел пред меѓународниот инвестициски суд во Холандија и посредувачки контакти во врска со фирмата „Брако“ од Велес, за што од ИРЛ се обезбедени докази.  Дополнително, од страна на МТВ на г-дин. Анѓушев му било понудено да биде снимен негов став во врска со ова, а кога тој одбил, во согласност со прописите, објавен е демант на медиумот на кој е емитувана емисијата и на страната на ИРЛ, иако демантот бил испратен само до МРТ. Со други зборови биле обезбедени информации и докази достапни за авторите на истражувачката сторија со што не е прекршен член 1 од Кодексот на ЗНМ а со објавување на демантот и со понудата да се сними изјава на Анѓушев, нема прекршување ни на член 3. Советот на честа на ЗНМ не сакаше да навлегува во докажување на вистинитоста на тврдењата во претставката дека Цветковска била поканета, но не дошла кај Анѓушев на разговор, откако претходниот ден му пратила СМС порака со која барала негов став во врска со одредена тема, ниту во одговорот на ИРЛ оти Анѓушев иако ветил дека ќе ги побара кога ќе се врати од службен пат, тоа не го исполнил, но затоа веднаш по емитувањето на истражувачката сторија се јавил и ја навредувал редакцијата на ИРЛ, зашто сметаше дека е непродуктивно.

ЗНМ