Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Независниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) сметаат Владата треба да се воздржи од избрзани и недоволно обмислени решенија во медиумската сфера, особено во период на предизборие.
Економската криза предизвикана од коронавирусот влијае на кревката финансиска моќ на медиумите генерално и затоа Владата треба да ги исцрпи сите останатите можности за поддршка на медиумите, пред да се размислува за каква било директна финансиска помош.
Во таа насока, предлагаме Владата дополнително да ги ослободи телевизиите и радијата од бројни давачки кон државата пред се кон ААВМУ и кон Агенцијата за електронски комуникации а со цел да го помогне нивното работење во услови на криза. Освен ова, дополнително треба да се направи анализа за нови линеарни даночни олеснување на традиционалните, но и онлајн медиумите зошто на тој начин Владата ќе демонстрира дека се грижи медиумите да имаат поволни услови за функционирање во кризно време, а истовремено нема да покаже дека има селективност во поддршката.
Од друга страна, доколку кризата на програмската содржина на медиумите која постои и пред коронавирусот и натаму не покаже знаци на опоравување, сметаме дека во иднина, Владата треба да се размислува за креирање на привремена поддршка за иновативни и креативни медиумски проекти, односно продукти од јавен интерес, за сите медиуми, со што би се подобрил квалитетот на програмата, како и економската состојба на новинарите.
Со цел дефинирање на критериуми и инклузивност во процесот за обмислување на моделот кој треба да ги запази стандардите од ЕУ членките, ќе биде нужно овој процес да мине низ широка дебата со вклученост на релевантните чинители. Собранието веднаш по конституирањето потребно ќе биде да донесе законско решение со поширок консензус за оваа исклучително важна тема.
Битен аспект за ваков тип на финансиска поддршка е тоа што сите медиуми што се заинтересирани ќе можат да аплицираат. Притоа напоменуваме дека овие финансии не смеат да го нарушат медиумскиот пазар или да создадат услови за нови непазарни влијанија. Затоа нивниот обем треба да биде умерен.
Освен тоа, треба да постојат гаранции дека истите средства би се користеле за подобрување на социјално-економската положба на новинарите и медиумските работници и за создавање на квалитетни медиумски содржини кои се од интерес на јавноста.
ЗНМ, ССНМ и СЕММ и останатите партнерски новинарски и медиумски организации во наредниот период ќе побараат помош од дел од нашите стратешки партнери како што се Меѓународната федерација на новинари, Европската федерација на новинари, Делегацијата на ЕУ во Скопје, Амбасадата на САД како и Мисијата на ОБСЕ во Скопје за споделување на позитивните компаративни искуства, за да послужат како насока во пошироката јавна дебата, по изборите, за изнаоѓање на најдобрите решенија – наведено е во соопштението.