Советот на честа на Здружението на новинарите на Македонија, постапувајќи по претставка од Бранко Героски за колумната на Бранко Тричковски објавена на онлајн медиумот Frontline.mk, под наслов „Флека на екранот“, а во која колумнистот Тричковски, демонстрира омраза, вулгарност во говорот, клевети и навреди, под превезот на метафора, истовремено го злоупотребил и медиумот за лична пресметка со Геровски и со г-н Милчин“, констатира дека жалбата е основана. Кодексот на ЗНМ е прекршен во членовите 10, 11,15 и 16 според кои:
- Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа.
- Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.
- Новинарот ќе ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.
- Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.
Истовремено, Советот на честа на ЗНМ потсетува дека почитувањето на поинаквото мислење е во основата на Кодексот на новинарите. Несогласувањето со туѓото мислење не подразбира користење говор на омраза, дискредитација и лични навреди со елементи на повик на насилство. Уште еднаш ги повикуваме новинарите, а особено членовите на ЗНМ, да внимаваат на своите јавно искажани ставови, меѓусебно да не се навредуваат, да не поттикнуваат говор на омраза и да не повикуваат на „јавен линч“, само затоа што не го делат истото мислење со некој друг – се наведува во соопштението на ЗНМ.