Зошто скопјанка се заглави во лифт со екипа на итната помош и почина?!

Сподели

 

Датумот бил 28 декември 2019 година. Скопјанката Лилјана Трендова на возраст од 58 години, во скопската населба Карпош доцна вечерта на овој кобен ден, доживува анафилактички шок од антибиотик.

 

Во станот од шеснаесеткатницата повикана била екипа на Брзата помош, ама наместо во домашни услови, медицинската екипа предложила синот, драмскиот актер Слободан Трендов, да ги повика соседите, да ја завиткаат жената во ќебе и да се упатат во болница. Трендов тврди дека екипата на Итната помош дошла неподготвена, не администрирала адреналин, немала носилка и боца со кислород.

 

Поради ова, сите заедно биле приморани да излезат од станот на осмиот кат и влегле во лифтот. Но, Лилјана не стигнала жива во амбулантното возило. Нејзината смрт настапува внатре во лифтот, кој наместо на приземје се спуштил во подрум и се заглавил. Екипата на Итната помош, синот и соседот, сите заглавени чекале пожарникари да ги извадат од кутијата дваесетина клучни минути.

-Што направи Итната помош во тие 20 минути за пациентот кој се гуши? Апсолутно ништо. Кога влеговме во лифтот, тргнавме надолу, но место да застане на приземје, се спуштвме во подрум. Ние во подрум бевме 20 минути. Кога јас внатре и се обратив на лекарката да и помогне на мајка ми, таа ми одмавна со раката и 20 минути не пружи никаква помош во лифтот. Кога излеговме надвор, само ја покрија мајка ми. Мајка ми починала од загушување, имала анафилактички шок. Но тие не направија ништо да и овозможат да дише, ниту имаше реанимација. Не е почината ниту од срце ниту од излив, туку од задушување, за кое брзата помош соодветно требала да изреагира. Чекаме да видиме што ќе направи јавната обвинителство. Изјавата што наводно сум ја дал по настапувањето на смртта на мајка ми, е фалсификат. Не бев во состојба да дадам изјава и тоа јасно им го нагласив на полицајците. Додадов дека ќе дојдам во станица наредниот ден и ќе дадам изјава, како што и направив наредниот ден. Вечерта кога потпишав, всушност потпишав изјава која лекарката ја дала во мое име. Дека наводно јас и лекарката, сестрата и возачот сме биле внатре и била направена реанимација. Отпосле ја прочитав таа изјава и се фрапирав, зашто ниту тоа се случило, ниту јас сум го изјавил. Ама во шок вечерта ја потпишав оваа изјава, сведочи за „Слободен печат“ Слободан Трендов, син на починатата жена.

 

 

Една година и три месеци подоцна, „Слободен печат“ дојде до документ кој децидно покажува и докажува дека лифтот имал сериозни технички проблеми. И тоа не еден, туку дваесет и девет на број.

За децата на починатата жена, засекогаш ќе тлее неодговорено прашањето што ги вознемирува – дали нешто можело да биде поинаку, дали можеби доколку лифтот навремено стигнал на приземјето и нивната мајка била пренесена во болница, можеби нејзиниот живот ќе бил спасен?!

Техничките проблеми на лифтовите во зградите во Скопје се рак рана за која ретко се размислува. За жал, во зградата во Карпош, тој бил променет дури откако во него згасна животот на 58- годишната жена, чија борба за шанса за живот не успеа.

Технички преглед како од хорор филмовите

Откако жената починала, семејството во тага но и со еден куп неодговорени прашања, повикало официјално инспекциско тело да утврди и каква е состојбата на лифтот, бидејќи имале намера да го користат овој извештај во понатамошна судска постапка. Од овој надзор произлегле дури 29 суштествени недостатоци и неисполнувања на барањата.

Главниот е тоа дека товарниот лифт, на кој имало ознака дека може да превезува шест лица, всушност работел со мотор кој што бил наменет за помал лифт и воопшто не одговарал на постоечкиот. Резултатот од техничкиот преглед, покажува дека електромоторот со чија помош се движел лифтот, бил од друг лифт со помала носивост поради што носивоста била ограничена на три лица.

Но, во лифтот ноќта на 28 декември внатре имало шестмина, меѓу кои мајката, синот, возачот на Итната помош, две медицински лица и соседот. За семејството ова е голем индикатор кој посочува зошто лифтот се заглавил и наместо на приземјето од зградата завршил во подрумот.

Во техничкиот извештај кој го извршила компанијата ТЦИ Еуро Церт, наведено е и дека во лифтот има појава на пролизгување на носечките јажиња на погонската јажница при движење без оптоварување и дека јажницата треба да се промени.

Констатирана е нарушена влечна способност на лифтот зашто пропаѓал при застанување на станиците без оптоварување. Тој немал уред против неконтролирано движење на кабината нагоре. Немало врати на кабината, едната од фрикционите облоги на кочницата била забележливо истрошена и мора да се замени, нема уред против прекин и замена на фаза, премостена е временската заштита за движење на лифтот, вратата во подрумот не функционира и нема стакло на отворот, потребно е да се изврши поправка и подесување на уредот против преоптоварување, нема аларм и панично светло во кабината. Листата на маани е долга и вклучува непостоење на двонасочна говорна комуникација меѓу кабината и местото на спасување, лизгачите на противтегот не се соодветни и мора да се заменат, на еден од јажните затворачи на противтегот му била скршена пружината, а јамата од возното окно била полна со отпад. Отпадот во јамата самиот по себе претставува опасност од пожар. Немало ниту скали за пристап до јамата, како ниту противпожарен апарат во машинската просторија.

 

 

,,Во јамата од возното окно нема стоп прекинувач, прекинувач за светло во возно окно и шуко приклучница. Нема заштитен лим околу патеката на движење на противтегот во јамата од возното окно”, констатирала инспекцијата и дала рок веднаш да се отстранат овие сериозни недостатоци.

За шест други аномалии, рокот да се отстранат бил наредните 60 дена, а меѓу нив се истечено масло од редукторот, отворена електрична кутија од вентилаторот за ладење на моторот, отворена била кутијата од уредот за сервисно возење, имало прегорени светла во возното окно, немало заштитни лимови околу отворите на подот од машинската просторија кон возното окно.

Неопходно е да се среди електричната инсталација над кабината, така што спроводниците правилно ќе се изолираат и да се постават соодветно за да се заштитат од механички оштетувања. Врз основа на прегледот и испитувањата за технички преглед на лифт, утврдено било дека лифтот не ги исполнува барањата и условите на правилникот за користење на лифтови и транспортери и не треба да се употребува до отстранување на недостатоците. Поради овој негативен заклучок, за лифтот не бил издаден сертификат.

 

 

Општина Карпош констатирала недостатоци за управителот на зградата, ама не конкретно за исправноста на лифтот, туку за неговата работа како управител.

„Постапката беше во однос на нивната работа како управител, каде што се контатирани недостатоци и за истите недостатоци е поведена инспекциска постапка и фирмата е казнета, и казната е платена. Казната се однесува на недостаток во доставување на годишен извештај согласно член 31 став 1 од Законот за домување и недостатоци во однос на подготовката на трошоци и нивна распределба, како и недоставување на доказ за редовна грижа за заедничките делови согласно член 19 став 1 ал 2 и 6 од истиот закон“, изјави за „Слободен печат“ Богданка Милошевиќ Мучева, овластен инспектор за домување и помошник раководител на сектор во Општина Карпош.

Таа додаде дека не навлегувала во тоа дали лифтот бил исправен и доколку не бил, дали настанот кј се случил бил последица баш на таа негрижа.

„Дали лифтот бил исправен и доколку не бил, дали настанот кој се случил бил последица баш на таа негрижа, јас не можам да навлегувам, за тоа има овластени лица – вештаци и стручни лица, јас разгледувам документација и по неа постапувам. Компанијата имала склучено договор со друга фирма за одржување на лифтот, која што со договорот се обврзува да се грижи и да врши редовна контрола на лифтот. Така што , самата фирма не врши контрола на лифтот, ниту одржување ниту пак се овластени за таа работа, туку е должна да склучи договор со овластена фирма која понатаму се грижи за исправноста на лифтот, а станарите плаќаат за тоа одржување на фирмата, па таа потоа на фирмата со која е склучен договорот. Во однос на одземање на лиценца за управување, тоа го врши Регулаторна комисија за домување, не инспекторот. Овластениот инспектор за домување изготвува акти врз основ на кои Комисијата може да ја одземе лиценцата. Сите релевантни акти од овој предмет се доставени до Регулаторна Комисија за домување“, додаде Милошевиќ Мучева.

Семејството се надева на разрешница од Јавното Обвинителство.

(текстот е на Слободен печат , но по барање на Слободан Трендов и со одобрување на авторот Мирослава Брнс е објавен и во denesmagazin.mk)