Апелација ќе одлучува за жалбата на Груевски во негово отсуство

Сподели

Денеска Апелацискиот суд ќе одлучува по жалбата на поранешниот премиер Никола Груевски за пресудата во случајот „Тенк“ на специјалното јавно обвинителство за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра.

Тој пред судечкиот совет денеска треба да ја образложи поднесената жалба, но како што најави Груевски вчера на прес-конференција, нема да се појави во Апелацискиот суд, а на седницата нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што рече и онака одлуката е политички веќе донесена.

Груевски обвини дека власта води политичка хајка против него, а судиите се професионални, но работат под притисок.

– Ниту јас, ниту моите адвокти нема да се појавиме утре на седница. И нивното присуството во Апелација не може ништо да промени. Никакви правни аргументи не се доволни на однапред политички договорена пресуда и однапред донесена политичка одлука. Ако судиите се толку исплашени и подлегнале на политичка нарачка, ете им можност без мене да донесат каква сакаат пресуда. Ниту едно незаконско ставање во затвор нема да ги избрише од меморијата на граѓаните делата кои сум ги направил за оваа држава и овој народ, за бранењето на државните интереси – рече Груевски.

Тој додаде дека нему не му суди судот, туку политиката.

– Судството ме товари зашто бев водач на ВМРО-ДПМНЕ и зашто на некого му пречам. Судиите се професионални и стручни, но работат под голем притисок, а некои се блиски и до Зоран Заев – додаде Груевски и се пожали и дека во петокот му бил закажан термин за седница кога сите негови адвокати учествувале на рочиште за настаните во Собранието на 27 април, а тој сам во Апелација поминал 11 часа.

На обвинувањата реагираше Апелацискиот суд, од каде ги отфрлија наводите на Груевски оценувајќи ги како груба невистина и манипулација со јавноста.