Град Скопје со беспилотно летало ќе ги лоцира изворите на загадување на воздухот

Сподели

Градот Скопје викендов започна со 3Д мапирањето на критичните точки за загадувањето на воздухот во градот со беспилотно летало. Како прва локација беше избрана депонијата „Вардариште“, а мапирањето ќе продолжи и на други локации. Оваа активност е само една од мерките кои Градот Скопје ги презема за намалување на загадувањето на воздухот во Скопје.

Жителите на Аеродром и на Гази Баба веќе подолг период се задушуваат од непријатна миризба што се шири покрај кејот на Вардар. Сега, со 3Д мапирањето на „Вардариште“ ќе се добие целосна слика на опфатот на депонијата, односно во кои делови се пали отпад, особено ако тие делови се наоѓаат на приватни имоти. Инспекторатот на Град Скопје ќе добие прецизни податоци, со што полесно ќе може да ги извршува задачите. Убедени сме дека со вакви акции ќе ги елиминираме причинителите на загадувањето, еден по еден – изјави портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху и додаде дека сите инсталации кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола се проверени и редовно доставуваат мерења со кои се задолжени во самата дозвола. Активна е и кампањата за пријавување огнови на отворено на телефонскиот број 193. Во оваа пригода упатувам апел до сите граѓани огновите на отворено да ги пријавуваат на телефонскиот број 193, а не како што е вообичаената практика да ги пријавуваат на социјалните мрежи. Само заедно можеме да го спречиме палењето огнови на отворено, а со тоа да ја подобриме животната средина и квалитетот на амбиентниот воздух” – нагласи Салиху.