Вести Македонија Ударни вести

„Не биди медиумска мета“ – Многу омраза, нетрпеливост и лажни информации

Со голем, студентски митинг, десетина студенти од  прва година на Правниот факултет „Јустинијан Први“, со инспиративни говори на стотина свои колеги на платото на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ им ја пренесоа пораката дека секој граѓанин мора да ги совлада барем основите на медиумската писменост, односно да бидат свесни дека не секогаш сите информации што им се пренесуваат се вистинити, па секогаш убаво да ги проверуваат наводите, односно да размислуваат критички.

На денешниот настан, кој беше надополнет со настап на младиот пејач Јасмин, кој инаку е студент на Правниот факултет, како и со диџеј-сет, се зборуваше за повеќе аспекти на медиумската писменост. Настанот „Не биди медиумска мета“, инаку, се одржува во рамки на одбележување на Eвропската недела на медиумска писменост. Тој е дел од проектот „Не биди медиумска мета“ кој се спроведува од Македонскиот институт за европски студии (МИЕС) во рамки на големиот проект „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“ – центар за европски стратегии, а финансиран од Европската Унија.

Говорите на студентите беа насочени кон повеќе аспекти на манипулацијата со вниманието на јавноста и обидите да се пласираат лажни информации заради политички или економски цели. Освен против пропагандата, се зборуваше и против говорот на омраза и потпалување нетрпеливост, но и против агресивното потрошувачко општество, отуѓувањето, рекламното тероризирање, жртвите на видео игрите, агресивниот маркетинг, но најмногу за неповолната медиумска слика во Македонија и за потребата критичкото мислење на граѓаните за медиумските производи да стане дел од задолжителното образование.

Сподели: