Вести Изјави Македонија

Нинџа: Базата ни беше во „Мериот“, паравоениот штаб на ВМРО-ДПМНЕ даваше наредби гледајќи ТВ Нова

Обвинетиот Александар Василевски – Нинџа на судењето за организираниот напад во Собранието на 27 април лани во сведочењето дојде до вечерта нападот. Кажа дека во паравоениот штаб на ВМРО-ДПМНЕ од каде што доаѓале наредбите се гледала сега веќе непостоечката „ТВ Нова“.

„На 27 април, во ресторанот дојдоа Никола Митревски – Кољо и други обвинети. Ми се јави директорот (на УБК) Атанасовски. Ми рече да ја следиме состојбата во Собрание, му кажал и на Јане Ченто. Во 17 часот дојде мојата сопруга. Тоа време имав контакт и со Сашо Мијалков. Ми рече, дојди во базата. Базата ни беше хотелот ’Мериот‘. Ме викнаа во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Влегов од под земја. По навика, мислев Сашо е таму. Немаше обезбедување. Стиснав на осми кат на лифтот, мислев таму е. На крајот на катот има сала. Кога влегов во салата, видов други луѓе. Сашо не беше таму. Пред мене беше парамилитарниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ: Билјана Бришковска Бошковски, Спире Ристовски, Кире Божиновски, Миле Јанакиески, Чавков Митко“, сведочи Нинџа, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, пренесува сдк.мк.

Како се гледаше „ТВ Нова“ на телевизор, рече Нинџа, така се давале наредби: Билјана Бришкоска комуницирала со Трајко Вељаноски, Миле и Спире со Бетмен, Чавков комуницирал со Ивица Вучевски и Митко Пешов.

„Билјана Бришкоска-Бошковски критикуваше дека пратениците не си ја завршиле работата. Немало тепачка, разочарана беше. Пратена беше насока до пратениците да ги отворат собраниските врати. Дојде директорот на УБК Владимир Атанасовски“, кажа Нинџа.

Сподели: