ТРПЕНИЕ, ШТЕТНИЦИ, ГЛОДАЧИ И СПАСЕНИЕ – Соња АЈАНОВСКА ДЕЛОВСКА

Сподели

Груевски бара плата и канцеларија од судот. Тој и да сака да го затворат нема да му дадат. Не сега, а кој знае и кога. Се чека на новите законски промени во судот, реформа во судскиот совет. Е, нече мочи, да. И да сакаш да лежиш ќе почекаш.

Туку доста 11 години се убивме од зборење за Груевски, Грујо, паторот, диктатотрот, криминалецот и што веќе не му кажавме. Да не сфати случајно? Јок. Чекаме да го затворат и парите да ги врати, ама многу сме биле нестрпливи. Сме требале да имаме трпение. Сме требале многу нешта, ама си имаме многу ништа.

Ние сфативме што се очекува од нас, но дали новиве дечки сфатија што ние бараме од нив? Или треба и они да почекаат па да земеме очи да си извадиме, со метла вештерките да ги бркаме, и уште со страв извршителите да ги почекаме. Зошто малку не исцедија, треба уште животниот нектар да ни го допијат со сламка. Онаа тенката, капка по капка.

Јас разбирам точно што се бара од народот, но знам што точно бара и народот од нив. Или пак не се разбираме. Како што не се разбиравме со режимските арогантни копилиња, па моравме сами себе да се убиваме по улици, со казни, отпуштања, и така натаму. Мрско ми е веќе и да набројувам што сѐ и како се напативме.

Очигледно еден, двајца, неколкумина сфатија зошто се на местото -позицијата каде што се сега, но другите чинам “курташак” со нас си играат. (Бугарите велат, Македонски лаф, за който македонците могат да бъдат поздравени).

Е па нас доста ни е од игри, куртовци и мамлази. Ние скромно рековме дека сакаме правда, чесност и живот со чекор напред, но не рековме колкаво ни е трпението.

Додека Заев трча да го исполни ветеното, има едни како да ги наречам, од ракав извадени ситни фаци, кои му ја раскопуваат маратонската стаза. Не дај боже да истрча до крај како финалист, овие знамето  со “финиш”ќе му го тргнат настрана да не го гледа. Па да трча уште сто, па уште двесте метри, па маратонски круг и така во недоглед, не согледувајќи дека неговите го трчаат до колапс. Не е убаво така. Ниту здраво за човекот, ниту паметно за нас и државата. Како да му убациле бодрачи во публика од противниот табор. Па во целото бунило да не се знае кој навива, кој исвиркува. Крајот се знае, некој ќе го наседне дебело.

Постгруевистичкиот период ќе трае. Не една, две, три, пет години. Ќе трае додека има живи луѓе по дпмнеовските штабови што не им е јасно што бараатт, но знаат што сакаат. Да ги остават по управни одбори, советници, па и директори. Штетници. Глодачи. Глодачи на и она малку останато парче сирење со кое треба да преживееме. Тешко нас, а богами не се свесни колку ќе биде тешко и по нив. На тие што ги оставија и поставија таму кај што не им е е место. А само пред два дена ги испразнија затворите каде што им е местото. Во услови, заслужени.

А ние само тоа го сакавме и го баравме. Не им баравме душа. Им ги баравме парите само да ни ги вратат. Дел по дел, циц по миц, да имаме на некоја правда да се радуваме. Нешто, не ми е јасна дозата на задоволувањето и пружениот избор на задоволство.

Исто така од другата страна не ми се јасни навивачите. Оние новите, што ги заменија тие старите што ракоплескаа на сѐ што им беше сервирано од  партискиот штаб. Се сеќавате на оние полуписмени, неедуцирани, патриоти што викаа – време е да се смени власта и да дојде Груевски како лидер да ја оправи државата и тоа во времетео на Груевистичкиот режим? Оние што не знаеја зошто излагаат на контра протести, не знаеја два со два да врзат ама ги поддржуваа ДПМНЕ и нивната политика, што за нив беше Оче наш? Е, па сега ако искрено резонираме после еден даден грејс период на самопромоција на одделни дечки во некои институции, се појавуваат едни други имиња, ракоплескачи од другиот хор, прокламирани како борци за демократија кои слепо шлапкаат со рачињата и извикнуваат ура, на сите пробни маневри од страна на пилиња со нови функции, кои не знаат просото да го одделат од лушпата, ама бифтекот знаат како “глад” да го втераат во време на сомалијска транзиција. Од гладниот народ. Не ја бива работата. Го иритираат оној  народ што му остана малку трпение, ама со голем разум.

Реформите се најавени. Реформите ги очекуваме. Трпението го држиме на узди. Само немојте да не замајувате со икони на светци, кои приоритетите свои ги ставаат на прво место. За свој личен интерес. Себичен. Да бидеш светец, прво треба да помислиш на друг, да му помогнеш, да го излечиш од болката, да му дадеш лек и волја, да види бел ден.

Денот го чекаме, како дожд во Сахара. Имаме во нас уште волја и надеж дека нештата ќе се наредат како што треба. Знаеме да разликуваме гангстери од чесни луѓе, осеќаме кога не возат напред, а кога не вртат на пoлна во рикверц, имаме деца за пример но, имаме и луѓе за плукање. Не смеете да нѐ осудувате за емоциите кои ни се излеваат од душите, за времето на потклекнување во болката што со години ја носевме. Соберете сила и дајте ни го она што ние вам ви го дадовме: да бидете луѓе со искрени и чесни намери за доброто на сите, за заедничко возење низ животот.

П.С. Ова со диско музиката во возењето на 50-ка ви беше добра фора. Ама ние на фори и фазони огуглавме и сега веќе ни се глупи и смешни!