Вести Македонија Ударни вести

Заев – Рама: Очекуваме во јуни двете држави да ги отворат пристапните преговори со ЕУ

Премиерот Зоран Заев и владината делегација денеска официјалната посета на Албанија ја започнаа со средбата со албанскиот премиер, Еди Рама со кого Заев имаше тет-а-тет средба, а потоа и заедничка прес-конференција.

Рама на прес-конференцијата го оцени Договорот од Преспа како историско достигнување што го отворило патот кон НАТО и ослободило позитивна енергија кон заедничкиот пат во ЕУ интеграциите. Рече дека Република Албанија во Република Северна Македонија гледа стратешки партнер и на полето на стабилноста на регионот.

Заев, изрази надеж за европски перспективи на двете држави и зајакнување на билатералната соработка со цел стабилен и просперитетен европски регион.

– Очекуваме, до крајот на годината, Република Северна Македонија да ви се придружи во Алијансата, како рамноправна 30 земја членка на НАТО. Но паралелно со овие очекувања, нашите надежи се фокусирани и на јуни 2019 година, за отворање на пристапните преговори со ЕУ. Во нашата држава успеавме да ги поставиме темелите на едно општество за сите, а работиме, низ обиди за максимален консензус и со опозицијата на сите реформски закони, потребни за евроинтеграциите – рече премиерот Заев, посочувајќи дека Рамковниот договор е исполнет и дека се работи на духот на договорот низ градењето едно општество за сите.

Тој рече дека Република Албанија е еден од нашите најблиски пријатели но и партнери, со којшто можеме да осигураме просперитет и безбедност, но и европски перспективи на нашите земји и на регионот.

Заев наведе дека се работи на патот Кичево – Охрид, на проектната документација за патот Кичево – Дебар – кон границата со Албанија како и на железничката линија Кичево – Лим.

Од владината прес-служба велат дека на билатералната средба било разговарано поконкретно за проектите за соработка во областа на земјоделството, културата, туризмот како и за можноста за одржување втора владина седница во нашата држава.

Сподели: