Израел вели дека Путин се извинил за изјавата на Лавров за еврејското потекло на Хитлер

Сподели

 

Кремљ одби да каже дали претседателот Владимир Путин му се извинил на израелскиот премиер Нафтали Бенет за изјавата на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, дека Адолф Хитлер имал еврејско потекло, јави Ројтерс.

Вчера израелскиот премиер Бенет рече дека Путин се извинил за забелешките и дека тој го прифатил извинувањето и „му се заблагодарил што го разјасни својот став за еврејскиот народ и сеќавањето на холокаустот”. Претходно официјален Израел остро го нападна Лавров поради неговите изјави за една италијанска телевизија во неделата, кратко време откако Израел го одбележа Денот на сеќавање на Холокаустот.

Зборувајќи за тоа како Русија планира да ја „де-нацифицира“ Украина, кога и самиот украински претседател Володимир Зеленски е со еврејско потекло, Лавров рече: „Можеби грешам, но Хитлер исто така имал еврејска крв. [Тоа што Зеленски е Евреин] не значи ништо. Мудрите Евреи велат дека најжестоките антисемити се обично Евреи“.

Тоа предизвика остра реакција и барање од Израл за извинување, по што вчера од Ерусалим стигна известување дека Путин се извинил, како и дека во телефонскиот разговор рекол дека Русија ќе дозволи извлекување на цивилите од челичарницата Азовстал во Мариупол, во организација на ОН и Црвениот Крст. Израл рече дека тоа било побарано од израелскиот премиер./мета.мк