Ковачевски: Не постои документ со прифатени барања само на Бугарија

Сподели

 

„Не треба да има загриженост дека постои некаков документ во којшто се прифатени барања само на една страна“, истакна премиерот Ковачевски за емисијата „Само интервју“ на Канал 5, на прашањето колку сме блиску до изнаоѓање на заедничко прифатливо решение со Република Бугарија во контекст на заложбите на претседателот Макрон  за време на претседателствувањето на Франција да се направи исчекор во однос на проширувањето на ЕУ.

 

 

„Се спомнува и преговарачката рамка, но преговарачката рамка е мултилатерален документ којшто го одобруваат сите земји членки на ЕУ и кој што, на крај и ние треба да го одобриме. Тоа е документ во однос на кој најголемиот дел од европските држави не дозволуваат билатерализација на рамката со оглед на тоа што рамката претставува преговори со ЕУ и усогласување, односно пат на кој една држава се интегрира во ЕУ“, истакна Премиерот.

Што се однесува до изјавата на претседателот Макрон и претседателот на Европскиот совет Мишел,  за создавање Европска политичка заедница во кој би влегле сите европски држави кои не се членки на ЕУ, премиерот Ковачевски оцени дека овој предлог повеќе би се однесувал на држави кои што треба да ги исполнат критериумите во однос на отпочнување на процесот за интеграција во ЕУ како Украина, Молдавија, Грузија.

„Ние практично имаме процес кој е дефиниран токму на предлог на претседателот Макрон за пристапување кон ЕУ преку кластеризација на поглавјата. Само за илустрација, ние имаме веќе усогласено 45% од нашето законодавство со ЕУ. Доколку ја погледнете споредбата на нашата усогласеност и хармонизираност со европската легислатива визави држави од соседството кои преговараат и по 10 години, ние имаме поголема усогласеност  со европската легислатива. Ги имаме исполнето сите услови во однос на отпочнување на преговорите, по прашање на усогласеноста и поставеноста на институциите, за позитивните извештаи. Од наша страна се имаме направено” оцени премиерот Ковачевски.

Ковачевски подвлече дека позициите на нашата земја се договорени во декларацијата која што ја изгласа Собранието и која што ја поддржаа сите политички партии и дека тоа се позициите до кои што Владата се придржува во разговорите со Република Бугарија.

„Заедничките решенија, како што реков во неколку наврати, треба да бидат базирани на европски вредности, на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави бидејќи само  така ќе имаме основа за градење добри меѓусоседски односи и брзо интегрирање во ЕУ“, истакна премиерот Ковачевски.