Отворен повик за нова генерација “Докуникулци” на “МакеДокс”

Сподели

 

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е во потрага по четвртата генерација на „Докуникулци“ на возраст од 14 до 18 години, кои сакаат да бидат дел од годинешната работилница за креативен документарен филм, информираат од фестивалот.

Заинтересираните млади треба да се снимат самите себе на видео не подолго од 5 минути, на кое треба да одговорат на следниве прашања:

  • Освен преку соништата, на кој друг начин бегаш од секојдневието?
  • Кога би можел да бидеш кое било животно или растение, што би избрал/а да бидеш и зошто?
  • Кое е твоето најрано сеќавање?
  • Кога би сретнал/а магаре што знае да зборува, што прво би ти кажало и зошто?
  • Кој документарен филм ти оставил најголем впечаток и зошто?
  • Која е приказната што сакаш да ја раскажеш и зошто е различна од останатите?
  • Што би издвоил/а за себе како важно, специфично, откачено?

Видеата треба да се испратат на мејлот dokunikulci@makedox.mk преку WeTransfer или да го прикачат на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, а на тимот на МакеДокс да им го испратат линкот и лозинката.

Повикот е отворен до 1 јули 2022, a резултатите ќе бидат објавени до 7 јули 2022 година.

Работилницата за младите ентузијасти ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се случува за време на патувачкото кино на „МакеДокс“ во периодот од 20 до 24 јули, за време на филмскиот фестивал „МакеДокс“ од 18 до 25 август т.е. 8 дена, а ќе се организираат и две есенско-зимски сесии по договор во времетраење од 5 до 7 дена.

„На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „МакеДокс“, ланските докуникулци и наши пријатели од други земји – докажани докупрофесионалци. Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени“, информираат од „МакеДокс“.

На повикот ќе бидат избрани дванаесетмина, кои ќе бидат поделени во 3-4 помали групи со по еден ментор. На крајот на работилницата, секоја група ќе треба да има готов креативен документарен филм.

За младите кои имаат помалку од 18 години, заедно со пријавите, ќе треба да достават и согласност од одговорен возрасен со која се одобрува нивното учество на работилницата.