Можностите за регионална експанзија и основање на бизнис со е-трговија во ЦЕФТА регионот се во фокусот на првата регионална платформа за е-трговија Ecommerce4All.eu – „Регулатива во е-трговија”, каде на едно место се достапни правни регулативи, закони и прирачници кои се специфични за секој од 7-те пазари на ЦЕФТА (односно во Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Молдавија) и кои на лесен начин треба да го прикажат начинот за основање и водење на бизнис со е-трговија во секој од нив.
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), која е главен имплементатор на оваа веб платформа, ги потенцира прирачниците кои се изработени за сите ЦЕФТА пазари во рамки на овој модул, особено поради тоа што на едно место ги содржат сите важни информации за тоа како да се започне и води бизнис со е-трговија, кои се потребните информации кои секој е-трговец треба да ги знае и кои се правата за заштита на онлајн потрошувачите во секој од овие пазари.
– Така, на пример, доколку некој бизнис сака да го прошири својот пазар во Србија, лесно ќе може да провери кои се актуелните норми во однос на заштитата на правата на купувачите, дали можат да го вратат производот, за колку време, кој ги сноси трошоците итн. Или пак да проверат кои се потребните документи за правно регистрирање на својот бизнис во Црна Гора и слично, велат од АЕТМ.
Освен овој модул, во текот на идниот период, како што нагласуваат, платформата ќе биде надоградена со уште неколку модули: модул „успешни приказни во е-трговија”, каде што ќе се промовираат успешни приказни од секој ЦЕФТА пазар, и со уште два модули кои ќе ги покриваат клучните аспекти на водење бизнис во е-трговија – онлајн плаќањето и испораката на производите. Секој од овие модули ќе содржи релевантни информации специфични за конкретниот ЦЕФТА пазар, како и упатства, прирачници, документи поврзани со темата и видео презентации.
-Една од предностите на водењето на бизнис со е-трговија, како најбрзо растечка гранка во економијата, е реалната и остварлива можност за проширување на пазарот надвор од физичките граници и искористување на потенцијалот на регионот. Имајќи предвид дека регионот го сочинуваат околу 20 милиони жители, тоа за македонските е-трговци би значело десеткратно зголемување на потенцијалните е-купувачи, порачуваат од АЕТМ.
Развојот на платформата „Ecommerce4All“ е поддржан од проектот за надворешна трговија на Oтворениот регионален фонд имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) во име на Европската унија и Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ). Главна цел е да се подобри меѓународната соработка која го промовира регионалниот и локалниот економски развој и го поддржува автономното спроведување на политиките усогласени со ЕУ, насочени кон постигнување на рамномерен регионален развој на државата.