ГЕРБ на Борисов победи на изборите во Бугарија

Сподели

 

На вчерашните избори во Бугарија, во парламентот пратенички места си обезбедија седум политички формации, при што најмногу гласови добила коалицијата „Граѓани за европски развој на Бугарија“ (ГЕРБ).

Станува збор за партијата на поранешниот долгогодишен премиер на Бугарија, Бојко Борисов и на Сојузот на демократските сили (СДС), а на второто место е „Продолжуваме со промената“ (ПП), која ја предводеше последната политичка влада во Вугарија, на чело со Кирил Петков, јави бугарскиот онлајн-медиум mediapool bg.

ГЕРБ-СДС освоила 25,36 отсто од гласовите, а ПП има 20,2 отсто од гласовите.

ПП ќе одбие евентуална понуда за коалициски преговори со ГЕРБ, објави ко-претседателот на ПП и последен политички премиер на Бугарија, Кирил Петков, пренесува mediapool bg.

Во Бугарија сега управува техничка влада назначена од претседателот на Бугарија, Румен Радев, откако на кабинетот на Петков на 22 јуни му беше изгласана недоверба.

„Движење за права и слободи“ (ДПС), долгогодишен коалициски партнер на ГЕРБ во неколку влади, е на третото место, со 13,71 отсто од гласовите, пред проруската „В’зраждане“ (Препород), која добила 10,17 отсто доверба, а на петтото место е Бугарската социјалистичка партија (БСП, со 9,31 отсто поддршка. „Демократска Бугарија“ (ДБ), коалициски партнер на ПП во претходниот политички владин кабинет доби 7,45 отсто. Според досегашните резултати, во парламентот сигурно ќе влезе и „Б’лгарски в’зход’ (Бугарско издигање) на поранешниот технички премиер Стефан Јанев, со 4,63 отсто од гласовите.

Во парламентот не успеа да влезе „Има таков народ“ (ИТН) на шоуменот Слави Трифонов, пак, која постојано притискаше за тврда политика кон Северна Македонија и која учествуваше во последната политичка влада, а потоа излезе од неа и беше факторот што помогна кабинетот на Кирил Петков да добие недоверба. ИТН на изборите вчера освоила само 3,83 отсто од гласовите, односно не го помина цензусот за влез во 48-от состав на парламентот на Бугарија. ИТН беше дел од претходната влада, но и причината за нејзиниот распад, откако се повлече од неа а потоа побара гласање недоверба, по што падна владата на Петков.

Ваквиот распоред на силите во парламентот не дава надеж за составување стабилна влада, рече Борјана Димитрова од агенцијата за социолошки истражувања „Алфа рисерч“ за Бугарската национална телевизија (БНТ) по објавувањето на првите неофицијални резултати вчера.

Според Димитрова, логично е идната владејачка коалиција да се формира околу ГЕРБ или околу ПП, но напомена дека при сегашната конфигурација „посакуваните коалиции се невозможни, а можните коалиции се неприфатливи“, пренесува mediapool.bg.

Едната варијанта би била коалиција на ГЕРБ, ПП и ДБ која би имала 130 пратеника, но последните две партии одбиваат да коалицираат со ГЕРБ, или барем не додека со партијата управува поранешниот премиер Бојко Борисов. Двете наведени партии се остри критичари на владеењето на Борисов и ГЕРБ претходно, обвинувајќи за голема корупција.

Ако мандатот отиде кај ПП, тие би коалицирале со партиите од последната политичка влада – ДБ и БСП, но таквата коалиција би имала под 100 пратеници.

Најголем број гласови од оние што вчера гласаа вчера во С. Македонија на изборите за бугарското Националното собрание добија добија ГЕРБ на Бојко Борисов – 127, потоа ВМРО-БНД со 91 глас, Продолжуваме со промената – 69 гласа, 38 гласале за Демократска Бугарија , 30 ги дадоа своите гласови си за Преродба, 22 за Има таков народ.

Во земјава гласале вкупно 461 лице, а најголем број – 172 гласале во амбасадата на Бугарија во Скопје.