Министерот Спасовски на средба со амбасадорите од земјите-членки на ЕУ

Сподели

 

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски присуствуваше на средба со амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија, на која учествуваше со свое излагање, по што следеа прашања од страна на амбасадорите упатени до министерот Спасовски, а кои ги опфатија темите –  полицијата и безбедноста, миграцијата (трговијата со луѓе) и ФРОНТЕКС.

 
 
 

Своето излагање министерот Спасовски го започна истакнувајќи го заедничкото достигнување на РСМ и ЕУ, а кое несомнено ќе донесе бенефит како за Европската Унија, така и за Република Северна Македонија: потпишувањето на Договорот помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за оперативни активности спроведени од Агенцијата за гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија.

„Со овој договор воспоставивме одржливи, трајни решенија во справување со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, при што почитувањето на човековите права и демократските принципи се основните принципи на кои се темели меѓусебната соработка. Имплементацијата на овој договор ќе придонесе кон ефикасно управување и справување со предизвиците од миграцијата и потенцијални идни закани, а со тоа и кон справувањето со сериозниот криминал со прекугранична димензија. Истовремено, ќе придонесе кон посигурни граници и поголема безбедност на нашите граѓани”, истакна министерот Спасовски, при што потенцираше дека досегашната соработка во справувањето со илегалната миграција покажа дека кога се работи заедно може успешно заеднички да се решат предизвиците.

Во однос на реформите во Министерството за внатрешни работи, министерот Спасовски истакна дека изминатиот период два реформски процеса го одбележаа дејствувањето на МВР:

„Гледано од денешна перспектива, двете најголеми реформи – следењето на комуникациите и реформата на разузнавачките служби ја постигнаа својата цел. Агенцијата за национална безбедност постои како посебен државен орган, изградена согласно стандардите на НАТО, а исто така функционирањето на ОТА го надмина големиот број на забелешки и недостатоци кои доведоа до масовно кршење на човековите права. Заокружувајќи ги сите параметри на овие реформи, не можам да не го споменам Советот за граѓански надзор, за чии функционирање се потребни дополнителни напори. Искрено се надевам дека Собранието ќе ги преземе неопходните активности за обезбедување на неговата функционалност”, рече министерот Спасовски, при што како реформски зафати кои придонесоа кон поголема контрола врз работата на полицијата ги истакна воспоставувањето на Надворешниот механизам за контрола, кој се состои од две компоненти: посебното Одделение во рамки на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Надворешниот механизам за граѓанска контрола при Народниот правобранител.

Во однос на нелегалната миграција, министерот Спасовски ги издвои миграциските движења на „Западнобалканската рута“, како и влијанието на руската агресија врз Украина, при што информираше за аналитичките согледувања на ФРОНТЕКС кои укажуваат дека миграцискиот притисок во регионот на Западен Балкан во текот на 2022 година е зголемен, особено на северните граници во регионот со Србија и во Австрија.

„Во текот на 2022 година, од страна на земјите вдолж Западно-балканската рута пријавени се над 178.000 илегални преминувања од мигранти на и помеѓу гранични премини, што е за 75% повеќе од истиот период во 2021 година”, истакна министерот Спасовски.                              

Во таа насока, министерот Спасовски ги информираше амбасадорите дека безбедносната состојба на државните граници во моментов генерално е поволна, а како главни предизвици ги издвои илегалното минување, криумчарењето мигранти и секундарните движења на мигрантите, но, како што рече министерот Спасовски, не се регистрирани посериозни загрозувања на јавниот ред и мир и јавното здравје како резултат на мигрантската криза.

 
 

„Во првите десет месеци спречени се 22.806 обиди за илегално преминување на границите или речиси пет илјади обиди повеќе во споредба со истиот период лани. Најголем дел од обидите за илегални преминувања, впрочем како и во претходните години, се спречени на јужната граница со Република  Грција – 20.858. На оваа граница забележан е пораст за речиси 30% во однос на истиот период минатата година. Во однос на земјата на потекло на мигрантите при спречените обиди, доминираат мигрантите од Сирија-9.290, кои во однос на минатата година се значително зголемени, додека во првите топ пет земји се вбројуваат и мигранти од Пакистан-5.324, Авганистан-1.737, но и Индија, Мароко и Куба”, рече министерот Спасовски.

Министерот Спасовски информираше дека активностите кои се преземаа за спречување на криминалните активности поврзани со криумчарење на мигранти резултираа со откриени 89 случаи на криумчарење на 1.328 мигранти.

„Ваквиот резултат бележи значителен пораст во однос на периодот од јули до октомври 2022 година, што укажува дека криминалните групи ги интензивираат своите активности со цел да пренесат илегално што поголем број на мигранти на другата страна на границата. Карактеристично за овој период е што во три од случаите, возачите по забележување на полициските патроли, со возилата во кои ги превезувале мигрантите, предизвикале сообраќајни незгоди, при што со телесни повреди се здобиле 41 мигранти од Сирија, двајца полициски службеници и еден припадник на Армијата на Северна Македонија”, рече министерот Спасовски.

Во однос на одржување на стабилна безбедносна состојба на границите со соседните земји, но и за соодветно справување со евентуален иден масовен прилив, министерот Спасовски потенцираше дека е продолжено времетраењето на Одлуката за прогласување на кризна состојба на подрачјето на јужната и северната државна граница, што овозможува непречено користење на потребните национални ресурси и капацитети за справување со предизвикот.

„Исто така, од декември 2015 година па наваму на јужната граница континуирано се имплементира заедничката меѓународна операција и која од март 2016 година па наваму е поддржана од Европската Комисија преку имплементација на ИОМ Проектот „Специјална мерка за поддршка на Република Северна  Македонија во управувањето со границите и миграциите“”, рече министерот Спасовски за акцијата во која учествуваат странски полициски службеници од Австрија, Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Словенија, Хрватска и – Србија).

Како еден од главните предуслови за ефикасно управување со границите и со миграциите, министерот Спасовски ја истакна ефикасната меѓународна соработка, а како главни приоритети ги издвои одржувањето и продлабочувањето и меѓународната соработка – со земјите од регионот, со земјите на транзит, потекло, со агенциите на ЕУ (во прв ред Frontex – EBCGA, Europol, EASO) и на УН (IOM, UNHCR), како и релевантни меѓународни организации (OSCE, ICMPD, DCAF, итн.).

„За таа цел се учествува во бројни меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси (Салзбуршки форум, Будимпештански процес, Прашки процес, Заедничка координативна платформа, DCAF Програма за гранична безбедност, КПС ЈИЕ, итн.). Со оглед на случувањата на т.н. „Западнобалканска рута“ во последните години, најинтензивна е соработката со земјите кои се дел или во нејзина непосредна близина. Соработката е на многу високо ниво, а особено треба да се истакнат заедничките и координирани операции кои со поддршка на DCAF се реализираат во земјите од регионот и во кои учествуваат земјите – потписнички на КПС ЈИЕ”, истакна министерот Спасовски.

Во однос на ефикасните политики за реадмисија и механизмите за враќање, министерот Спасовски истакна дека тоа се области каде што се соочуваме со сериозни предизвици, а главната причина  е недостатокот на договори за реадмисија потпишани со релевантните земји на потекло, но и неможност да се утврди нивниот идентитет и по официјален пат да се извршат соодветни проверки со надлежните служби во нивните матични земји.

„Досега Република Северна Македонија има потпишано 24 договори со земјите од Западен Балкан и ЕУ, како и Договор со Европската заедница. Со соседните земји, Северна Македонија има добро воспоставена оперативна соработка за реадмисија. Дополнително, имајќи предвид дека најголемиот дел од нерегуларните мигранти пристигнуваат во Република Северна Македонија најчесто од Република Грција, подобрувањето на билатералната соработка за реадмисија со Р.Грција е приоритет за земјата, па под покровителство на Проектот на ИОМ за зајакнување на капацитетите за реадмисија на Западен Балкан, се надеваме дека соработката може да се зајакне и да се потпише протокол за имплементација на Спогодбата. Покрај тоа, нашата земја направи обиди да воспостави соработка за реадмисија со одредени земји на потекло, вклучувајќи ги Исламската Република Пакистан, Арапската Република Египет и Исламската Република Иран, но, за жал, досега нема значителен напредок во оваа област”, рече министерот Спасовски.

Во однос на криумчарењето на мигранти коешто е тесно поврзано и со трговијата со луѓе, министерот Спасовски констатираше дека последниве години се зголемува бројот на домашни жртви на трговија со луѓе, кои се главно сексуално експлоатирани, а идентификувани се и присилни бракови со малолетни лица.

„Меѓутоа, факт што особено загрижува и што ја алармира потребата од енергична акција на сите нас е континуираниот пораст на деца – жртви на трговија со луѓе. Имено, годинава идентификувани се 8 жртви на трговија со луѓе, од кои 7 се деца”, рече министерот Спасовски, при што се осврна на мобилните тимови составени од претставници од МВР, МТСП и невладините организации, како успешен концепт, со цел идентификување на ранливи категории, меѓу кои и жртви на трговија со луѓе.

Во насока на исполнување на препораките на експертскиот тим на ГРЕТА, министерот Спасовски истакна дека неодамна беше формиран и Оперативниот тим за координација, следење, управување на случаи со трговија со луѓе, во кој покрај претставници од државните органи (ЈО, МВР, МТСП) учествува и претставник од здружение на граѓани.

„Сите анализи и извештаи укажуваат дека трговијата со луѓе е еден од најпрофитабилните бизниси, често поврзана со криумчарење на мигранти, трговија со дрога, тероризам. Од тие причини, во сетот на мерки кои ги преземаме, би го споменал значењето на водењето на финансиски истраги кои ги преземаме паралелно со истрагите за кривичното дело. Единствено со одземање на главниот мотив поради кои трговците влегуваат во овој бизнис, а тоа се најчесто парите, можеме да креираме ефикасен одговор на овој криминал. За таа цел, во Министерството за внатрешни работи формиравме посебна Единица за водење на финансиски истраги, која е исклучиво надлежна за идентификување и пронаоѓање на незаконски стекнатиот имот”, рече министерот Спасовски, при што ги истакна активностите во овој домен кои се водат на национално ниво: Националната стратегија за јакнење на капацитетите за водење на финансиски истраги и конфискацијата со имот, која содржи конкретни акциски планови за развој на сите институции кои се вклучени во водењето на финансиските истраги, привременото замрзнување и подоцнежна конфискација на нелегално стекнатиот имот.

Според Спасовски, отпочнувањето на пристапните преговори е силен поттик за забрзување на нивното имплементирање и спроведувањето на реформските процеси, а кои ќе придонесат кон посилна и подемократска држава, но и подобро  живеење на граѓаните

„Нашиот приоритет е да ги имплементираме европските стандарди во секојдневното работење. Во овој период во нашата држава се спроведуваат интензивни подготовки за билатералниот состанок за Поглавјето 24 кој ќе се одржи на 21 ноември во Брисел. Преку анализа на сите релевантни ЕУ прописи за Поглавјето 24, во корелација со нивното досегашно имплементирање во нашата држава, заеднички ќе утврдиме насоки  за понатамошен развој на сите сегменти на нашето работење”, подвлече министерот Спасовски, потенцирајќи дека МВР продолжува со активности со заедничка акција на сите чинители и во партнерство со меѓународната заедница.