Претседателката на Уставниот суд Кацарска и вработените во работна посета на Бугарија

Сподели

 

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска и дел од вработените од стручната служба на Судот се во работна посета на Република Бугарија од 1 до 4 ноември. 

 

 

Во рамки на посетата се организира работна средба на која се разменуваат искуства и знаења од двата суда. Првата тема на дискусија е „Заштита и ограничување на основните права во време на вонредна состојба и предизвиците пред уставните судови”. 

 

 

Втората тема на која се разменуваат мислења е „Комуникациски стратегии, политики и работни практики на уставните судови со медиумите и jавноста.”

Оваа посета се реализира како активност за зајакнување на соработката меѓу двата суда, предвидена во Меморандумот за соработка. 

 

 

„Уставните судови на двете земји одржаа состанок во Скопје во мај 2022 година и потпишаа Меморандум за соработка”, гласи забелешката од Европската Комисија. Овој Меморандум е препознаен како позитивен чекор од ЕК, бидејќи  е нотирано дека добрососедските односи и регионална соработка се суштински дел од евроинтегративниот процес на Северна Македонија и придонесоа за стабилност, помирување и клима погодна за решавање на отворените билатерални прашања и наследство од минатото.” посочи претседателката Добрила Кацарска. 

Работната посета се одржува на покана на Уставниот суд на Република Бугарија во седиштето на Судот во Софија и во Велинград.

 

 

„Чест ни е што сме домаќини и имаме можност да разговараме за суштински теми, подеднакво значајни за двата суда, да размениме искуства на темата за заседавањето на Уставниот суд во време на COVID пандемијата, да ги споделиме сите дилеми кои се појавија и ситуациите кои ги решававме во тој период. Подеднакво важна тема е и транспарентноста и сакаме да го слушнеме вашето искуство, бидејќи Уставниот суд на Република Бугарија најавува унапредување на транспарентноста ”, кажа претседателката на Уставниот суд во Бугарија, Павлина Панова.

При посетата на Уставниот суд во Софија присуствуваше и амбасадорката на Република Северна Македонија во Бугарија, Агнеза Руси Поповска.