Украинскиот претседател Володимир Зеленски информираше дека украинските обвинители досега откриле над 400 воени злосторства извршени од руските сили за време на окупацијата на Херсонскиот регион, јавува Би-би-си. Тој изјави дека тела на убиени цивили и војници биле пронајдени во ослободените населени места, иако официјална Москва ги негира ваквите тврдења на украинските власти.
Инаку, украинските власти ги замолија цивилите да не брзаат со враќањето во ослободените области на Херсонскиот регион. Олексеј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина ги информираше граѓаните дека постојат ризици за цивилното население во ослободената територија на регионот Херсон, јавува Укринформ.
Тој прецизираше дека на десниот брег на Днипро во текот на целата недела, украинските одбранбени сили ослободиле 179 населби кои покриваат повеќе од 4.500 квадратни километри.
„Секој метар квадратен мора да се истражи, да се утврди дека таму нема експлозивни направи. Ова е тешка работа. За да се спасат животите на нашето цивилно население, приоритетно е барањето да не се брза да се вратиме дома. Сите дефинитивно ќе се вратат, но засега треба да почекаме уште малку“, рече тој.
Гардијан јавува дека четворица цивили, вклучувајќи и 11-годишно дете, загинале од мина во Херсонскиот регион. Украинските власти соопштија дека семејството со автомобил нагазило на мина во близина на селото Новорајск, по што следувала фаталната експлозија.
Американската секретарка за финансии Џенет Јелен изјави дека САД ќе воведат нови санкции врз поединци и компании кои работат на набавка на воени технологии што ги користат руските сили во војната во Украина. Јелен на маргините на самитот на Г-20 во Бали изјави дека санкциите ќе бидат насочени кон 14 поединци и 28 правни субјекти, вклучително и финансиски олеснувачи, но таа одби да даде детали за тоа од кои земји доаѓаат тие, пренесува Гардијан.
Британското Министерство за одбрана во најновиот извештај за војната во Украина посочува дека зимата ќе донесе нови предизвици во украинскиот конфликт, вклучувајќи помалку офанзивни дејствија, повеќе одбранбени фронтови и поголем ризик од дефекти на оружјето, јавува Гардијан.
Промените на дневните часови, температурата и временските услови ќе претставуваат уникатни предизвици за војниците. Намалувањето на дневните часови ќе резултира со помалку офанзиви и повеќе статични одбранбени фронтови, се вели во најновиот извештај на британската војска. Голема е веројатноста војниците кои ќе немаат зимска облека и сместување да страдаат од повреди на студот.
Зголемувањето на врнежите, брзината на ветерот и снежните врнежи ќе обезбедат дополнителни предизвици за и онака нискиот морал на руските сили, додека основните вежби, како што е чистењето на оружјето, мора да се прилагодат на условите и се зголемува ризикот од дефект на оружјето, наведуваат од британското Министерство за одбрана./Мета.мк