МНР на Бугарија: Нападот на клубот „Цар Борис Трети“ е тешко кривично дело

Сподели

 

 

По оружениот напад на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Министерството за надворешни работи на Бугарија го осуди, како што се вели, тешкото кривично дело во кое беше употребено огнено оружје.

За инцидентот во клубот „Цар Борис Трети“, кој воедно е трет по ред, од бугарското МНР велат оти е информиран генералниот конзулат на Бугарија во Битола, по што конзулот Димитар Иванов веднаш заминал во Охрид и воспоставил контакт со членовите на здружението и надлежните институции во градот вклучени во случајот.

„Ова кривично дело е трет напад врз клубот ‘Цар Борис Трети’ за помалку од два месеца. Претходниот напад беше извршен пред само два дена, за што Министерството за надворешни работи испрати вербална нота до амбасадата на Северна Македонија во Софија“,се наведува во соопштението на бугарското МНР.
 

Оттаму велат дека ја забележуваат реакцијата на македонското МНР во врска со нападот на клубот, но, како што додаваат, не прифаќаат ваквите инцидентите да се оценуваат како вандалски чинови туку како тешки кривични дела. Бугарското МНР упати и апел до надлежните органи во земјава за брзо расчистување на случајот и откривање на сторителите на нападот врз клубот „Цар Борис Трети“.

„Во врска со случајот денеска на средба во Министерството за надворешни работи ќе биде повикана вонредната и ополномошната амбасадорка на Северна Македонија, Агнеса Руси-Поповска, на која ќе ѝ биде врачена протестна нота“, посочуваат од МНР на Бугарија.