Европската вселенска агенција го вклучи и првиот астронаут со физичка попреченост

Сподели

 

Британскиот параолимпиец Џон Мекфол е меѓу најновите именувани астронаути регрутирани од Европската вселенска агенција (ЕСА), со што стана првиот астронаут со физичка попреченост. Мекфол е дел од новата класа на европски астронаути кои беа претставени вчера и се први регрутирани астронаути по 2009 година.

Според Би-би-си, Европската вселенска агенција сака да ја прошири дефиницијата за тоа што сè е потребно за да се оди во вселената.

Мекфол, кој освои бронзен медал на Параолимписките игри во 2008 година на 200 метри, рече дека е горд и благодарен што му била дадена можност да биде дел од таков храбар проект.

Неговото регрутирање не значи дека тој со сигурност ќе замине во орбитата на Земјата, но ќе биде дел од програмата со која ЕСА и НАСА ќе истражуваат како тоа може да биде овозможено.

„Навистина е важно за нас да ги вклучиме сите што се возбудени околу вселената. Го правиме првиот чекор со отворањето на овој повик за луѓето кои имаат одредени физички попречености и навистина се надеваме дека ќе ги пренесеме на мисија до Меѓународната вселенска станица“, рекол Дејвид Паркер, директор за човеково и роботско истражување на вселената во ЕСА за Би-би-си.

На повикот што го објави Европската вселенска агенција аплицирале повеќе од 22.000 лица. Бројот на жени кои сакаат да се приклучат кон корпусот бил значително зголемен во однос на претходното регрутирање пред 13 години. Осум од седумнаесетте нови европски астронаути се жени. Нивното вработување во ЕСА и двегодишната обука ќе започнат во април догодина.

По средбата што се одржа во Париз, вселенската агенција соопшти дека земјите-членки обезбедиле речиси 17 милијарди долари за вселенски програми за наредните пет години.

Гардијан пишува дека оваа класа на астронаути ќе тренира за мисии што ќе воведат нова ера на човечки летови во вселената. Тие помалку ќе се фокусираат на Меѓународната вселенска станица, а повеќе на изградба на нова станица што ќе орбитира околу Месечината. ЕСА се надева дека својот прв астронаут на Месечината ќе го спушти пред крајот на оваа деценија, што ќе биде подготовка за идните мисии на Марс./Meta.mk