Претседателот на Собранието, Талат Џафери до граѓаните, припадниците на турската заедница во Република Северна Македонија, упати честитка по повод Денот на наставата на турски јазик.
Од име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име Ви го честитам 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик.
Со чествувањето на овој празник, институционално и како граѓани на Република Северна Македонија, изразуваме почит кон културата, идентитетот и посебноста на турската заедница, која е дел од мноштвото култури, обичаи и јазици кои ја красат Република Северна Македонија. А Република Северна Македонија е богата земја во која посебноста на секоја заедница, како нејзин заштитен знак и идентитет, во природна симбиоза со другите посебности, претставува одличен пример и автентичен индикатор за степенот на демократска зрелост и изградена граѓанска свест во нашето општество.
Уште еднаш, дозволете да Ви упатам искрени честитки и да Ви посакам светлината на образованието секогаш да ви го осветлува патот и мислата!- изјави Талат Џафери.