Иван Шопов е победник на Меѓународниот конкурс за хумористичен расказ „Алеко“ за 2022

Сподели

 

На конкурсот пристигнаа 104 раскази на 42 автори од 21 земја, a жири комисијата во состав Јордан Ефтимов, Михаил Вешим и Румен и Белчев за најдобар го избра расказот на Шопов „Географски откритија“.

„Алеко“ е меѓународен конкурс кој се одржува во Бугарија од 1966 година до денес, со краток прекин на почетокот на 1990-тите години. Организатори на конкурсот се Општина Свиштов, Меѓународната фондација „Алеко Константинов“ и хумористичниот весник „Стршел“.

Наградата беше врачена на 13 јануари, роденденот на бугарскиот писател Алеко Константинов, на свечена церемонија во Свиштов, во рамки на одбележувањето на 160-годишнината од раѓањето на Константинов.

Иван Шопов (1987, Скопје) дипломирал Општа и компаративна книжевност на факултетот „Блаже Конески“ во Скопје.

Ги објавил збирката раскази „Азбука и залутани записи“ (2010), за која ја добил наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, збирката песни во проза „Меше на годината“ (2012), збирката раскази „091 – антиразгледници од Скопје“ (2018), збирката сатирични текстови „Хрониките на Арслан Новинарски“ (2018) и мини-книгата „Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од Застава 750“ (2019). Пишува и поезија и хаику.

Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и бугарски јазик.

Меѓународен конкурс за хумористичен расказ „Алеко“ за 2022 година.